ПРВ.мк
Економија

Повеќе пари од ЕУ за Македонија – за колку ќе се зголеми сумата?

Повеќе пари од ЕУ за Македонија – за колку ќе се зголеми сумата?

За Македонија се предвидени 10 отсто повеќе средства од Планот за раст за Западен Балкан, а за Албанија и Црна Гора по 15 отсто повеќе. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ја најави новата распределба по самитот ЕУ – Западен Балкан во Брисел.

Дополнителните средства треба да дојдат од делот првично наменет за Србија, Косово и Босна и Херцеговина. Причината е разликата во темпото на реформите. Според Европската комисија, Македонија, Албанија и Црна Гора досега најмногу напредувале во исполнувањето на договорените обврски.

Планот за раст е вреден шест милијарди евра и трае до 2027 година. Од таа сума, две милијарди евра се неповратна помош, а четири милијарди се заеми под поволни услови. Исплатите зависат од тоа дали секоја земја ги исполнила договорените реформи. Ако го пропушти и дополнителниот рок, Комисијата може дел од парите да ги пренасочи кон други земји во регионот.

До мај, Македонија веќе добила 142,1 милион евра преку Планот за раст. Во истиот период, на Албанија ѝ биле исплатени 212,8 милиони евра, а на Црна Гора 89,3 милиони. Според податоците на Комисијата од август, Босна и Херцеговина била единствената земја во регионот што дотогаш не ја добила ни почетната исплата.