Грузиската државна безбедносна служба предупредува дека Русија создава услови за припојување на Абхазија и Јужна Осетија, два региона што меѓународно се признати како дел од Грузија. Според службата, Москва се обидува да ја зацврсти контролата врз териториите и да ги промени ставовите на локалното население во корист на припојување кон Русија.
Во годишниот извештај, презентиран пред грузискиот парламентарен Одбор за одбрана и безбедност, се наведува дека Москва користи економски и финансиски притисок, дезинформации и пропаганда. На жителите им било олеснето добивањето руски пасоши и возачки дозволи, а во регионите биле испратени и припадници на руската сообраќајна полиција.
Грузиската служба посочува дека во текот на 2025 година било засилено сообраќајното поврзување со Русија по воздушен, железнички и поморски пат. Како значаен чекор го издвојува повторното отворање на аеродромот во Сухуми, главниот град на Абхазија.
Според извештајот, Русија финансиски ги поддржува локалните власти, а истовремено врши притисок врз противниците на припојувањето. Грузиската служба наведува и дека забележала зголемено антируско расположение кај дел од населението во Абхазија.
Абхазија и Јужна Осетија излегоа од контрола на грузиските власти по вооружените судири во 1990-тите. По војната со Грузија во 2008 година, Русија ја призна нивната независност и воспостави воени бази во двата региона. Досега Москва формално не ги припоила кон својата територија.









