Домаќинствата од 1 јануари ги очекува зголемување на цената на електричната енергија од 2 до 3 проценти, додека парното греење ќе поскапи од 6 до 8 проценти. Новите тарифи за регулираните енергетски услуги се очекува да стапат на сила со почетокот на следната година.
Ова го соопшти претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Ацо Ристов, во интервју за емисијата „Тема на денот“ на телевизија Сител. Тој посочи дека се анализираат финансиските и техничките барања доставени од енергетските компании, по што ќе бидат донесени конечните одлуки.
Најавената корекција на цената на струјата се однесува на универзалниот снабдувач, а конечната сметка се формира од три компоненти: пренос, дистрибуција и снабдување. Иако енергетските компании побарале значително зголемување на своите тарифи, нивните барања нема да бидат целосно прифатени.
Електропреносниот оператор МЕПСО побарал зголемување на својот дел од тарифата за дури 97 проценти, но според најавите, цената за пренос на електрична енергија ќе остане непроменета.
Анализите покажале дека очекуваното намалување на протокот на електрична енергија во 2027 година се однесува само на транзитот низ земјава, а не на вкупната потрошувачка во државата. Поради тоа, компонентата на МЕПСО нема да влијае врз зголемувањето на сметките за граѓаните.
Најголем притисок врз цената доаѓа од дистрибутивната мрежа, каде што загубите на електрична енергија изнесуваат од 11 до 12 проценти. За покривање на овие загуби, околу 70 проценти од потребната енергија се обезбедува од домашното производство на ЕСМ по договорена цена, додека преостанатите 30 проценти се набавуваат на слободниот пазар.
На пробна аукција за набавка на електрична енергија за покривање на загубите била понудена цена од 380 евра за мегават-час, поради што постапката била поништена. Како алтернативно решение се разгледува можноста ЕВН да ја откупува електричната енергија произведена од домашните обновливи извори, со цел да се избегне дополнително поскапување.
Кај универзалниот снабдувач, 70 проценти од електричната енергија што ја обезбедува ЕСМ е договорена по цена од 65 евра за мегават-час, додека останатите 30 проценти чинат околу 76 евра. Врз основа на овие параметри, очекуваното поскапување на струјата за домаќинствата се движи од 2 до 3 проценти.
Покрај новите цени, се подготвува и промена на начинот на пресметување на мрежарината. Според сегашниот модел, сите домаќинства плаќаат ист фиксен износ за пристап до електродистрибутивната мрежа, без оглед на тоа колку електрична енергија трошат.
Новиот модел предвидува понизок фиксен дел, додека преостанатиот износ ќе зависи од реалната потрошувачка. Тоа би значело помали сметки за домаќинствата што трошат помалку електрична енергија, како и за граѓаните кои спаѓаат во категоријата енергетска сиромаштија.
Од друга страна, домаќинствата со многу висока потрошувачка, односно оние што месечно трошат 3.000, 4.000 или 5.000 киловат-часови, ќе плаќаат повисок износ за мрежарина.
Кога станува збор за топлинската енергија, компаниите побарале поскапување од 45 до 50 проценти, наведувајќи ги повисоките цени на природниот гас и зголемените трошоци за производство. Сепак, ваквите барања се оценети како неприфатливи, па се очекува сметките за парно греење од 1 јануари да се зголемат за 6 до 8 проценти.
Во однос на нафтените деривати, падот на берзанските цени во последниот период овозможува постепено враќање на акцизите и даночните зафаќања. На подолг рок, стратешкиот план за намалување на зависноста од увозни фосилни горива се насочува кон поголема употреба на електрични возила и развој на електричната мобилност.









