ПРВ.мк
Свет

ИСТОРИСКИ ПРЕСВРТ ВО ВОЕНАТА ИНДУСТРИЈА: Ова е првата земја што воведе борбени авиони без пилот – започнува нова ера на војувањето!

ИСТОРИСКИ ПРЕСВРТ ВО ВОЕНАТА ИНДУСТРИЈА: Ова е првата земја што воведе борбени авиони без пилот – започнува нова ера на војувањето!

Турција стана првата земја во светот што во својот воен воздухопловен состав воведе беспилотен борбен авион „Кизилелма“, соопшти во четвртокот турскиот производител на беспилотни летала „Бајкар“.

Првите три летала успешно ги поминале приемните тестирања, оствариле повеќе од 600 часа лет и вчера биле предадени на турските безбедносни сили, пренесуваат турските медиуми.

Од компанијата „Бајкар“ истакнаа дека со овој чекор Турција станала првата држава во историјата на светското воздухопловство што во својот воен инвентар вклучила беспилотно борбено летало.

„Кизилелма“ за првпат беше претставена во август 2022 година, на воздухопловниот саем „Технофест“ во турскиот град Самсун. Леталото е развиено во рамките на проектот за борбени беспилотни летала MIUS.

Станува збор за напреден беспилотен авион со тежина при полетување од околу шест тони, од кои речиси две тони се наменети за корисен товар.

Според објавените податоци, „Кизилелма“ може да лета од пет до шест часа на височина од околу 12 километри.

Со воведувањето на првите три летала, Турција прави значаен чекор во развојот на својата воена авијација и технологијата на беспилотни борбени системи.

Најнови вести