Американската вселенска агенција НАСА соопшти дека нејзината сонда „Војаџер 1“ постигнала историски успех, откако станала првото вселенско летало кое навлегло во меѓуѕвездениот простор и достигнало растојание од Земјата кое светлината го поминува за еден ден. Тоа одговара на неверојатни околу 26 милијарди километри.
Овој историски момент доаѓа во период кога леталото, кое со децении се наоѓа во вселената, се соочува со недостиг на енергија и одредени технички проблеми. И покрај тоа, претставници на мисијата уверуваат дека нема намера таа да биде прекината.
Радиосигналот испратен од „Војаџер 1“ од меѓуѕвездениот простор бил успешно примен во Мадрид преку меѓународната мрежа на радиоантени позната како Мрежа за длабока вселена. Според НАСА, сондата во средата ја достигнала оддалеченоста што светлината ја поминува за 24 часа, а на сигналот му бил потребен приближно еден ден за да стигне до Земјата.
Леталото во моментов се движи во правец на ѕвездата Глизе 445, која се наоѓа на околу 17 светлосни години од Земјата. Доколку ја задржи сегашната брзина, за приближно 40.000 години би требало да помине на оддалеченост од околу 1,7 светлосни години од оваа ѕвезда.
„Војаџер 1“ се движи со брзина од речиси 61.000 километри на час. Во 2012 година ја преминал надворешната граница на хелиосферата, заштитниот простор создаден од сончевите честички и магнетните полиња, и официјално навлегол во меѓуѕвездениот простор.
Неговиот близнак, „Војаџер 2“, исто така бил лансиран во 1977 година, а во меѓуѕвездениот простор навлегол во 2018 година. Двете летала со децении испраќаат вредни научни информации за делови од вселената кои човештвото никогаш претходно не успеало директно да ги истражи.
Сепак, „Војаџер 1“ во последно време покажува знаци на стареење. Минатата недела сондата престанала да испраќа научни и технички податоци, иако комуникацијата со Земјата не била целосно прекината.
Раководителката на проектот „Војаџер“, Сузан Дод, изразила уверување дека леталото повторно ќе започне да ги испраќа научните информации. Во НАСА претходно соопштиле дека новите мерки за заштеда на енергија би можеле да обезбедат двете сонди да продолжат да комуницираат со Земјата уште три до четири години.
И покрај огромната оддалеченост, староста и техничките предизвици, мисијата „Војаџер“ продолжува да претставува едно од најзначајните достигнувања во историјата на истражувањето на вселената.






