Мажот кој во април со секира уништи американски воен авион на аеродромот Шенон во Ирска е обвинет за уништување имот на американската влада. Според обвинителството, тој ги искршил инструментите во пилотската кабина, ги пресекол хидрауличните цевки и во резервоарите за гориво вметнал метални топчиња.
Станува збор за 48-годишниот Даити О’Корејн, кој, според американските обвинители, насилно влегол во обезбедениот дел од аеродромот, вооружен со секира, и го онеспособил воениот авион што бил паркиран таму.
Обвинението против него беше објавено во вторникот пред судот во Менхетен. О’Корејн во моментов не се наоѓа во американски притвор, а датумот за неговото прво судско рочиште сè уште не е утврден. Доколку биде прогласен за виновен, може да добие казна до 10 години затвор.
Авионот вреден 60 милиони долари никогаш повеќе нема да полета
Уништениот авион е транспортен модел C-130 „Херкулес“, кој ѝ припаѓал на Националната гарда на САД. Неговата вредност се проценува на околу 60 милиони долари, односно приближно 55,2 милиони евра.
Леталото било подготвено за заминување на воена мисија во странство, но по саботажата станало целосно неупотребливо. Според обвинителите, штетата е толку голема што авионот никогаш повеќе нема да може да полета.
Ирската полиција го уапсила О’Корејн непосредно по инцидентот и против него покренала постапка за оштетување имот и незаконско влегување на туѓ посед. Неговите поддржувачи го опишуваат како независен мировен активист.
На интернет-платформа за собирање донации, покрената од лица кои се претставуваат како негови пријатели, се наведува дека тој го уништил авионот во знак на протест против американската војна со Иран и поддршката што САД ја даваат. Американското обвинителство, пак, тврди дека нападот бил внимателно планиран неколку месеци однапред.
„Ова обвинение испраќа јасна и решителна порака дека нападите врз американскиот воен имот, а со тоа и врз нашата национална безбедност, нема да бидат толерирани“, изјави американскиот федерален обвинител за Менхетен, Џејми Мекдоналд.








