Три моста во Киев – Подилско-Воскресенскиот, Дарницкиот и Јужниот мост, биле оштетени во рускиот напад со балистички ракети во текот на ноќта. Поради оштетувањата, сообраќајот меѓу левиот и десниот брег на градот е сериозно отежнат, соопшти градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко.
Сообраќајот преку Подилско-Воскресенскиот мост во правец кон левиот брег е целосно прекинат. На Јужниот мост движењето е дозволено само во спротивна насока, и тоа за возила со тежина до 10 тони и автобуси на јавниот превоз со тежина до 18 тони. Надлежните најавија дека вистинскиот обем на штетата ќе биде утврден по завршувањето на воздушната опасност.
Во ракетниот напад врз украинската престолнина загинале три лица, а околу 15 биле повредени, соопштија од Киевската градска воена управа. Според првичните информации што ги објави Кличко, меѓу загинатите има и вработени во градското водоводно претпријатие „Киевводоканал“.
Седуммина повредени биле пренесени во болница, додека на останатите медицинска помош им била укажана на самото место. Руските сили во текот на ноќта го нападнале Киев со балистички ракети, при што избувнале пожари на неколку локации во градот. Освен мостовите, оштетен бил и објект од критичната инфраструктура.
Поради проблеми со напојувањето со електрична енергија, привремено бил запрен тролејбускиот сообраќај во делови од неколку градски окрузи, меѓу кои Печерски, Соломјански и Холосиевски. Дел од автобуските линии биле пренасочени преку Северниот мост.
Градоначалникот Кличко упати апел до жителите да избегнуваат користење приватни автомобили, освен кога тоа е навистина неопходно. Тој исто така ги повика институциите и компаниите, каде што има услови, да овозможат работа од далечина.
За време на ноќниот напад биле регистрирани дури седум бранови балистички удари, а пожари избувнале во Оболонскиот и Холосиевскиот округ.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека руските вооружени сили извршиле масовен напад врз објекти на украинскиот воено-индустриски комплекс, енергетски постројки и транспортна инфраструктура во Киев и неколку други региони.
Според руското соопштение, биле употребени високопрецизни оружја од копно, море и воздух, како и беспилотни летала. Москва тврди дека биле погодени производствени капацитети и складишта поврзани со крстосувачки ракети и беспилотни летала со долг и среден дострел, како и енергетски и транспортни објекти во Киев, Киевската, Дњепропетровската, Николаевската, Лавовската и Ивано-Франковската област.
Експлозии во текот на ноќта биле регистрирани и во други делови на Украина, а воздушни тревоги биле активирани во сите украински региони. Во Лавов експлозиите се слушнале нешто пред седум часот наутро, додека украинската противвоздушна одбрана дејствувала во околината на градот. Слични активности биле забележани и во Ивано-Франковск.
Во Харков била погодена болница во Шевченковскиот округ. Градоначалникот Игор Терехов соопшти дека најмалку четири лица биле повредени, а на зградата биле искршени повеќе од 50 прозорци.
Масовен напад со беспилотни летала погодил и важен инфраструктурен објект во Криви Рих, на југот на Украина.
Најновиот руски напад следува по заканата на рускиот претседател Владимир Путин за одмазда по украинскиот напад врз Кримскиот мост. Овој мост, изграден по руската анексија на Крим во 2014 година, претставува важна сообраќајна и логистичка врска за руските сили на окупираните украински територии.
Според претходните информации, дел од мостот бил оштетен по украински напад со ракета „Фламинго“ во ноќта меѓу 16 и 17 ноември. Путин тогаш порача дека рускиот одговор ќе биде многу посилен од нападот врз мостот, нагласувајќи дека со современото прецизно оружје таквата операција не е тешко изводлива.
Русија и во текот на денот пред најновиот ноќен напад извршила голем напад со беспилотни летала врз Киев. Во тој напад биле оштетени две амбасади на европски држави, катедралата „Свети Владимир“ и неколку станбени згради. Животот го загубил 26-годишен маж, а пет лица биле повредени.
Новите напади се случуваат во период на засилени дипломатски активности околу војната во Украина. Рускиот претседател Владимир Путин во кинескиот град Шенжен се сретна со американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот претседател Си Џинпинг, додека украинскиот претседател Володимир Зеленски во Берлин разговараше со лидерите на таканаречената Коалиција на подготвените.
На средбата во Берлин биле разгледани подготовките за нов круг преговори меѓу Киев и Москва. По разговорите, Зеленски и европските лидери објавиле заедничка изјава во која ја повикале Русија да прифати прекин на огнот што би ја опфатил енергетската инфраструктура и поморските транспортни правци во Црното Море.






