ПРВ.мк
Свет

ЕВРОПА НА НОЗЕ! Три руски објекти паднаа во Полска по жестоката ноќ во Украина – намерна провокација или опасна случајност?

ЕВРОПА НА НОЗЕ! Три руски објекти паднаа во Полска по жестоката ноќ во Украина – намерна провокација или опасна случајност?

Полските сили веднаш реагирале откако три руски летачки објекти паднале на територијата на Полска во текот на ноќта. Според првичните информации, најверојатно станува збор за две ракети и еден беспилотен летачки апарат на млазен погон. За среќа, нема повредени лица, ниту се пријавени оштетувања на инфраструктурата.

Полскиот вицепремиер и министер за одбрана, Владислав Косинјак-Камиш, соопшти дека станува збор за упад на руски објекти во полскиот воздушен простор, за време на нападите врз Украина. Полските воени сили биле активирани уште во раните утрински часови, откако првите предупредувања биле регистрирани во 1:40 часот по локално време.

Според министерот, руската авијација со голем дострел лансирала ракети „Кинжал“, ракети Х-101, како и голем број беспилотни летала, од кои дел биле на млазен погон. Полските одбранбени сили веднаш реагирале, а надлежните служби започнале со проверка на локациите каде што паднале објектите.

Косинјак-Камиш најави дека ќе побара од генералниот секретар на НАТО дополнителни воени сили и средства за поддршка на Полска. Тој истакна дека сојузниците мора да бидат запознаени со секојдневните безбедносни предизвици со кои земјата се соочува веќе четири години.

Полскиот министер оцени дека времето на овој инцидент не е случајно, бидејќи во Нова Демба се одржуваат воени вежби на таканаречената коалиција на подготвените, во близина на подрачјата каде што дејствуваат полските сили.

Градоначалникот на општината Кшежпол, Јарослав Пискорски, изјави дека еден од објектите паднал во шума во близина на местото Нови Липовец, на оддалеченост од околу 200 до 300 метри од првите куќи. Локалните жители слушнале силен звук, а над шумата забележале чад.

Поради безбедносните предупредувања, учениците утрото со задоцнување пристигнале во училиштата, но според последните информации, наставата продолжила нормално. Сличен инцидент претходно бил регистриран и во местото Пжимјарки.

На новинарските екипи не им бил дозволен пристап до местото на падот во Нови Липовец. Во поширокото подрачје биле забележани полициски и воени возила, додека надлежните служби ја обезбедувале локацијата и ги утврдувале околностите на инцидентот.

Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека нарушувањето на полскиот воздушен простор за време на руските ноќни напади врз Украина изгледа како намерна провокација. Тој потврди дека разговарал со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, за случувањата и за потребните мерки во врска со безбедноста на полската територија.

Најнови вести