ПРВ.мк
Спорт

ТРАГИЧЕН КРАЈ НА ЕДЕН ГОЛЕМ ФУДБАЛСКИ ТАЛЕНТ: Пронајден мртов, причината за смртта сè уште непозната

ТРАГИЧЕН КРАЈ НА ЕДЕН ГОЛЕМ ФУДБАЛСКИ ТАЛЕНТ: Пронајден мртов, причината за смртта сè уште непозната

Поранешниот младински репрезентативец на Шведска, Кен Фагерберг, почина во 38. година од животот. Трагичната вест ја потврдија неговите родители за шведскиот весник „Гетеборгс-Постен“.

Според информациите од семејството, поранешниот фудбалер во понеделникот бил пронајден мртов во својот кревет на Фарските Острови. Точната причина за смртта засега не е позната.

Неговиот татко, Горан Фагерберг, со емотивни зборови се прости од прерано починатиот син, опишувајќи го како човек со златно срце и исклучителен фудбалски талент.

Фагерберг го привлече вниманието на фудбалската јавност во 2007 година, кога во дресот на шведскиот Ергрите постигна 12 гола на 22 натпревари, по што направи трансфер во данскиот Митјиланд.

Во текот на кариерата настапуваше и за Виборг, Хорсенс, Венсисел, како и за неколку шведски клубови. За репрезентацијата на Шведска до 19 години одигра шест натпревари и постигна четири гола.

Пред четири години, во интервју за данскиот портал Bold.dk, Фагерберг отворено проговори за проблемите со зависноста од алкохол и дрога, кои негативно влијаеле врз неговата кариера.

„Да, го протраќив својот талент. Водев многу деструктивен живот, со постојана злоупотреба на дрога и алкохол. Да не беше фудбалот, работите ќе завршеа многу полошо“, изјави тогаш Фагерберг.

Во 2017 година неговиот фудбалски пат го одведе на Фарските Острови, каде што ја заврши професионалната играчка кариера и продолжи да работи како тренер до неговата ненадејна смрт.

Засега нема информации што ги поврзуваат неговите поранешни проблеми со зависностите со причината за смртта.