Единаесет лица го загубија животот во тешка сообраќајна несреќа во која се судрија автобус и камион во емиратот Рас ал Хаима, во Обединетите Арапски Емирати.
Веднаш по несреќата, на местото пристигнале полициски службеници, медицински и спасувачки екипи, како и припадници на цивилната заштита.
Министерството за внатрешни работи на Обединетите Арапски Емирати преку социјалната мрежа Икс соопшти дека надлежните служби го обезбедиле местото на несреќата и го регулирале сообраќајот.
Покрената е истрага за утврдување на причините и околностите под кои дошло до смртоносниот судир.
Властите апелираа до граѓаните да не споделуваат непроверени информации и шпекулации, туку да се потпираат исклучиво на официјалните соопштенија на надлежните институции.
Ова е втора сообраќајна несреќа со голем број жртви во Обединетите Арапски Емирати во текот на овој месец.
На 12 ноември, во емиратот Фуџаира, во верижен судир во кој учествувале 18 автомобили и пет камиони, загинаа 14 лица, додека 30 беа повредени.
Истрагата за таа несреќа покажала дека станувало збор за два одделни судира, при што во едниот камион налетал на колона возила и се превртел.
Меѓу повредените имало државјани на Обединетите Арапски Емирати, Индија, Оман, Египет, Јордан, Пакистан и Бразил.
Со последната трагедија, бројот на загинати во двете тешки сообраќајни несреќи овој месец достигна 25 лица.
Повеќе информации за причините за најновата несреќа се очекуваат по завршувањето на истрагата, додека точниот број на евентуално повредени лица засега не е соопштен.





