Унгарија се соочува со загрижувачки пораст на бројот на заразени со сифилис, сексуално пренослива инфекција која може да предизвика сериозни здравствени компликации, особено кај неродените деца и новороденчињата.
Според податоците на унгарскиот Национален центар за јавно здравје и фармација, во последните три месеци биле регистрирани 747 случаи на сифилис, од кои 516 надвор од главниот град, а 231 во Будимпешта.
Особено загрижувачки се податоците за вродениот сифилис. До 12 ноември годинава биле регистрирани 144 случаи, од кои 31 завршил со смртен исход. Дури 26 фетуси починале во утробата на мајката, додека пет новороденчиња починале по раѓањето.
Бројот на пријавени случаи во Унгарија се зголемил од 777 во 2020 година на 2.462 во 2025 година.
Според Европскиот центар за превенција и контрола на болести, стапката на заразени во Унгарија е шестпати повисока отколку во Романија и 20 пати повисока отколку во Хрватска.
Сифилисот е бактериска инфекција предизвикана од бактеријата Treponema pallidum, која најчесто се пренесува преку сексуален контакт, но може да се пренесе и од мајката на плодот за време на бременоста.
Првите симптоми може да вклучуваат безболни ранички, главоболка, осип, зголемени лимфни јазли и општа слабост. Кај дел од заразените инфекцијата останува незабележана.
Доколку не се лекува, сифилисот може сериозно да ги оштети нервниот систем, срцето и крвните садови.
Поради загрижувачката состојба, унгарските здравствени власти воведоа нов протокол со задолжително тестирање на трудниците во првото тримесечје и повторно тестирање помеѓу 24. и 28. недела од бременоста.
Сифилисот може успешно да се излекува со антибиотици, најчесто со пеницилин, поради што навременото тестирање и лекување се од клучно значење.






