ПРВ.мк
Свет

НОВ РАЗВОЈ ВО ВОЈНАТА НА УКРАИНА: Случувањата далеку од европското бојно поле ја вознемирија Либија!

НОВ РАЗВОЈ ВО ВОЈНАТА НА УКРАИНА: Случувањата далеку од европското бојно поле ја вознемирија Либија!

Украинските напади врз руски воени и товарни бродови во близина на либискиот брег отвораат ново поглавје во војната меѓу Киев и Москва, со активности што се прошируваат далеку надвор од Црното Море и европското воено жариште.

Нападите во Средоземното Море, по претходен сличен инцидент во Балтичкото Море, укажуваат на обидите на Украина да ги загрози руските воени и логистички капацитети на голема оддалеченост од сопствената територија. Во оваа стратегија, политички и територијално поделена Либија се најде во центарот на нови активности поврзани со конфликтот.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера објави видео, за кое рече дека е обезбедено од Службата за безбедност на Украина (СБУ), а наводно прикажува напад врз руската корвета „Меркуриј“ и врз товарниот брод „МВ Ангара“ во близина на либискиот брег. Според Зеленски, вториот брод бил користен од Москва за транспорт на оружје, пренесува „Ројтерс“.

Од украинската СБУ соопштија дека беспилотните летала во нападот во неделата биле лансирани од таканаречен „брод-мајка“ во тој регион.

Иако нападите врз воени и трговски бродови се дел од воените активности на двете страни во Црното Море, операциите во други морски региони се многу поретки. Од СБУ порачаа дека акцијата покажала оти руската морнарица нема безбедни маршрути, дури ни далеку од Црното Море.

Објавата на Зеленски на Телеграм, според „Ројтерс“, претставува прво официјално признание од украинската страна за напад во близина на либискиот брег. Украинскиот претседател наведе и дека руските сили се обиделе да го спречат нападот врз корветата, но не успеале.

Либиската влада со седиште во Триполи реагираше со осуда на најавените украински воени активности во близина на Бенгази, нагласувајќи дека не прифаќа странски воени операции на либиска територија или во територијалните води на земјата. Воедно, упати предупредување дека либиските пристаништа и други инфраструктурни објекти не смеат да се користат за воени цели.

Либија е во политичка нестабилност од 2011 година, кога востанието поддржано од НАТО прерасна во граѓанска војна и доведе до соборување на долгогодишниот лидер Моамер Гадафи. Оттогаш, земјата останува поделена меѓу две политички и воени структури.

Западниот дел го контролира меѓународно признатата Влада на национално единство, предводена од премиерот Абдул Хамид Дбеиба, со седиште во Триполи. На истокот функционира ривалска администрација, предводена од Осама Хамад и поддржана од воените сили на Калифа Хафтар.

Владата на Дбеиба одржува блиски односи со Турција и западните земји, додека Хафтар и источната администрација имаат изградено тесни врски со Русија и Обединетите Арапски Емирати.

Русија периодично ја користи Либија како транзитна точка за своите активности во други делови на Африка, но и како упориште во јужниот Медитеран, дополнување на нејзиното присуство во Сирија. Во регионот редовно се распоредуваат и ротираат руски воени бродови.

Според либиски претставници кои разговарале со „Асошиејтед прес“, украински сили се распоредени во западна Либија врз основа на таен договор со владата на Дбеиба. Изворите тврдат дека аранжманот бил поддржан од западни земји, вклучително и САД, во рамките на пошироките напори за ограничување на руското влијание.

Според истите информации, украинските сили главно се составени од експерти за беспилотни летала и се присутни во воени објекти во западниот дел на земјата, вклучително и во Мисрата, Триполи и Завија.

Зголеменото присуство на двете воени сили во Либија создава дополнителен ризик за земјата, која и по повеќе од една деценија не успева да ги надмине внатрешните политички и територијални поделби.

Аљона Хливко, истражувачка во тинк-тенк организацијата „Глобсек“, оцени за АП дека нападите ја демонстрираат способноста на Украина да дејствува поморски далеку надвор од Црното Море, со што земјата станува сè позначаен геополитички фактор во поширокиот Медитеран.

Џалал Харчауи, аналитичар за Либија во британскиот Кралски институт за обединети служби (RUSI), ги оцени украинските напади во Средоземното Море како исклучително смели и провокативни, посочувајќи дека сега главното прашање е како Русија ќе одговори.

Како дополнителен фактор на неизвесност, Харчауи ја посочи и реакцијата на семејството Хафтар, особено поради, како што рече, трауматичните размери на уништувањето за властите во источна Либија.

Најнови вести