ПРВ.мк
Црна Хроника

ЗАВРШЕНО ДЕНЕШНОТО РОЧИШТЕ ЗА УБИСТВОТО НА ДАНКА ИЛИЌ: Одбраната со нови тврдења по сведочењата за телефонски повици во времето на исчезнувањето!

ЗАВРШЕНО ДЕНЕШНОТО РОЧИШТЕ ЗА УБИСТВОТО НА ДАНКА ИЛИЌ: Одбраната со нови тврдења по сведочењата за телефонски повици во времето на исчезнувањето!

Во Вишиот суд во Неготин денеска со сослушување на сведоци продолжи судењето против Дејан Драгијевиќ и Срѓан Јанковиќ, обвинети дека на 26 март 2024 година ја убиле двегодишната Данка Илиќ.

Бранителката на Драгијевиќ, Вања Живковиќ, по рочиштето изјави дека денеска биле испитани сведоци кои биле сослушани и во текот на истрагата.

Говорејќи за предлогот на одбраната да се изврши невропсихијатриско вештачење на обвинетите, Живковиќ рече дека судот за тој предлог ќе одлучи дополнително, односно откако ќе заврши претходното вештачење за повредите што ги здобиле во Полициската станица во Бор.

Живадин Богдановиќ, бранител на второобвинетиот Јанковиќ, изјави дека за него најзначајни од почетокот на судењето се исказите на двајца сведоци сослушани денеска, од кои еден навел дека со Јанковиќ разговарал во 13:53 часот, кога, според наводите од обвинението, обвинетите го извршиле кривичното дело.

„Денеска слушнавме сведочење на сведок кој потврди дека во 13:53 разговарал со Срѓан по телефон, дека не слушнал никакви гласови, дека не слушнал тропање од врати на автомобил, што само докажува дека тие во тој момент не можеле да го извршат делото онака како што им се става на товар со обвинението“, наведе тој.

Богдановиќ додаде дека уште еден сведок денеска изјавила дека со Јанковиќ разговарала по телефон нешто по 14 часот и дека тој зборувал нормално и оти во неговиот глас не се чувствувало дека е вознемирен, што, како што тврди адвокатот, докажува дека тие навистина тогаш биле на депонијата, но правеле нешто сосема поинакво.

Нивни колеги денеска, како што рече Богдановиќ, сведочеле дека Јанковиќ и Драгијевиќ се фини луѓе, дека немале проблеми со законот и дека биле почитувани во колективот, како и дека им е несфатливо да го сториле она за што се товарат.

Богдановиќ додаде дека лица кои биле во близина на местото каде што исчезнало девојчето сведочеле дека ништо не слушнале – ниту повикување, ниту запомагање, додека нејзината мајка рекла дека ја повикувала ќерката низ дворот.

Судењето продолжува на 17 декември, за кога е повикан таткото на Дејан Драгијевиќ, Радослав Драгијевиќ, кој беше обвинет во овој предмет, но судот ја запре постапката против него.

На денешното рочиште сведочеше и поранешниот директор на ЈКП „Водовод“ во Бор, Горан Павиќ. Тој зборуваше за тоа како вработените во ова претпријатие се вклучиле во потрагата по девојчето, но и за настаните неколку дена по нејзиното исчезнување, кога по налог на полицијата однел двајца свои тогашни работници во Полициската управа во Бор.

Што кажаа сведоците пред судот?

На претходното рочиште сведочеа сведоци кои открија каде на кобниот ден го виделе двегодишното девојче, како и каде се движело.

Иако било планирано сослушување на 12 сведоци, сведокот Новица Периќ изостанал и го оправдал отсуството наведувајќи дека поради работа е на терен и не може да дојде во судот.

Сведокот Ратомирка Дојчиновиќ раскажала дека додека синот ја возел кон автобуската станица, пред бела куќа забележала дете во зелена јакна кое клечело свртено со грб и си играло.

Сведокот Драган Дојчиновиќ ги потврдил зборовите на својата мајка, наведувајќи дека околу 13:40 часот во улицата „Војвода Радомир Путник“ го видел девојчето во дворот на оддалеченост од околу 20 метри како оди кон влезот на куќата, по што подоцна се приклучил на потрагата.

Сведокот Раде Микиќ навел дека околу 13 часот ја видел мајката на девојчето кај капијата со едно дете и дека тогаш во улицата не го забележал службеното возило „фијат панда“ на обвинетите. Кога ги видел полицијата и пожарникарите, се приклучил во потрагата.

Сведокот Александра Микиќ рекла дека низ прозорецот од кујната, на само неколку секунди, видела девојче со репче и маслинестозелена јакна како минува покрај нејзината куќа кон шумата и се приближува до нејзиното паркирано возило. Таа не реагирала бидејќи, како што рекла, претпоставила дека родителите се во близина, додавајќи дека поради тоа ја гризе совест.

Сведокот Драгослава Живковиќ навела дека околу 13:40 часот, додека со синот разгледувала куќа во тој дел, видела дете во зелена јакна како бавно се движи по средината на улицата. Штом синот добил порака дека девојчето е исчезнато, таа отишла во полиција да пријави каде го видела.

Сведокот Слаѓан Живковиќ го потврдил исказот на мајката, додавајќи дека девојчето го видел преку рамо откако мајка му му го свртела вниманието и дека веднаш откако дознал за исчезнувањето, по телефон јавил каде се движело детето.

Сведокот Зоран Здравковиќ, поранешен раководител на обвинетите, изјавил дека не забележал ништо невообичаено во однесувањето на Драгијевиќ и Јанковиќ на денот на исчезнувањето ниту во наредните денови, како и дека Јанковиќ се одзвал на повикот за потрага.

Тој навел дека Драгијевиќ тој ден му рекол оти во Бањско Поле некој ги запрел и ги прашал за девојчето, додека на колегите подоцна им објасниле дека во таа улица застанале само за да извршат мала нужда. Потврдил и дека сите службени возила на претпријатието имаат ГПС-систем.

За што се товарат обвинетите?

Според наводите од обвинението, двајцата на 26 март 2024 година, враќајќи се од работна задача со службеното возило „фијат панда“, се движеле низ Бањско Поле, кога во улицата „Војвода Радомир Путник“ ја удриле Данка.

Јанковиќ, како што тврди обвинителството, управувал со возилото, додека Драгијевиќ бил на совозачкото место. По ударот, Драгијевиќ наводно го подигнал девојчето, го ставил на задното седиште и, според тврдењата на обвинителството, го задушил со раце, додека Јанковиќ ја набљудувал околината.

Потоа, според обвинението, се договориле телото да го остават на депонија, каде што Јанковиќ наводно го исфрлил од автомобилот.

Доказите на кои се темели обвинението

Обвинителството на почетокот на судењето како докази ги наведе видеоснимките, ГПС-податоците, вештачењето на Сообраќајниот факултет во Нови Сад, движењето и запирањето на службеното возило, реконструкцијата на депонијата, исказите на пет сведоци кои ја виделе Данка, како и фотографиите што нејзината мајка ги направила со мобилен телефон. Обвинителот посочи и дека движењето на возилото и можните патеки на девојчето временски и просторно се поклопуваат, како и дека обвинетите по настанот наводно го миеле возилото и користеле пумпа за вода и алат со што можеле да бидат уништени биолошки траги.

Посебен дел од расправата се однесуваше на претходните признанија на обвинетите, кои подоцна ги повлекоа. Обвинителството наведе дека двајцата првично го признале делото во Полициската управа во Бор и пред Вишото јавно обвинителство во Заечар, но подоцна ги промениле исказите. Одбраната, пак, тврдеше дека признанијата биле изнудени со тортура и побара записниците од сослушувањето да се издвојат како незаконски докази.

Бранителката на Драгијевиќ истакна дека нема биолошки ниту ДНК-траги од Данка Илиќ во возилото или на предметите поврзани со обвинетите, како и дека, според нејзините тврдења, не се докажани ниту смртта на девојчето ниту механизмот на нанесување на повредите.

Бранителот на Јанковиќ исто така го оспори обвинението, наведувајќи дека освен повлечените признанија нема материјални докази кои го поврзуваат неговиот клиент со злосторството, и укажа на телефонскиот повик што Јанковиќ го упатил во времето за кое обвинителството тврди дека се случил ударот со автомобил.

Одбраната на обвинетите и исказите на родителите

Дејан Драгијевиќ во својата одбрана потврди дека со Јанковиќ се движеле со службеното возило низ Бањско Поле и запирале на наведените локации, но негираше дека ја удриле или виделе Данка, објаснувајќи дека запирале поради телефонски повици и врзување појас, додека кај депонијата Јанковиќ накратко разговарал по телефон за преземање ќерамиди. Тој и Јанковиќ тврдеа дека нивните признанија во полиција биле изнудени со физичко насилство и мачење.

Во врска со овие тврдења, потсетуваме дека седуммина полицајци од Бор беа уапсени поради сомнение за злоставување и мачење на осомничените за убиството на Данка Илиќ, а осум полицајци беа уапсени поради сомнение дека во полициската станица во Бор до смрт го претепале Далибор Драгијевиќ, братот на обвинетиот Дејан.

На претходно рочиште сведочеа и родителите на Данка Илиќ – мајката Ивана Илиќ, која раскажа зошто тој ден со децата дошла во Бањско Поле и кога сфатила дека ќерката ја нема, и таткото Милош Илиќ, кој изјави дека по телефонскиот повик од сопругата тргнал кон Бањско Поле и на пат ги сретнал работниците на ЈКП „Водовод“.

Најнови вести