ПРВ.мк
Македонија

ЗАКАНИ НА ФЕЈСБУК КОН НОВИНАРОТ КРИСТИЈАН ЛАНДОВ: МВР го лоцираше авторот, следува пријава!

ЗАКАНИ НА ФЕЈСБУК КОН НОВИНАРОТ КРИСТИЈАН ЛАНДОВ: МВР го лоцираше авторот, следува пријава!

Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи го утврди идентитетот на лицето кое преку социјалната мрежа „Фејсбук“ упатило закани кон новинарот и водител на подкастот „Претрес“, Кристијан Ландов.

Според информациите од МВР, на 19 ноември 2026 година, под објава на страницата „Pretres.mk“, поврзана со емисијата „Претрес со Ландов“, бил оставен заканувачки коментар кој новинарот го пријавил како закана по неговата физичка безбедност и обид за заплашување поради неговата професионална работа.

По преземените мерки за дигитална форензика и обезбедување докази, полицијата утврдила дека станува збор за 38-годишниот И.М. од Кичево. Во координација со СВР Охрид и Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево, осомничениот вчера (23 ноември) бил повикан на информативен разговор, при што потврдил дека е корисник на профилот од кој бил напишан спорниот коментар.

За случајот е веќе известено Основното јавно обвинителство Скопје. Од полицијата најавуваат дека во тек е обезбедување на дополнителни електронски докази, по што против кичевецот ќе биде поднесена соодветна пријава.

Од МВР нагласуваат дека пријавите за закани и заплашувања кон новинари и медиумски работници се третираат како приоритетни, со цел заштита на слободата на изразување и безбедноста на новинарите во дигиталниот простор.