Потрагата по животното за кое првично се тврдеше дека е лавица во Истанбул заврши со неочекуван пресврт. Турските власти сега соопштуваат дека според анализата на новите снимки, животното што било забележано во елитната населба Ускумрукој не е лав, ниту пак припадник на некој друг вид голема мачка.
Откако беа објавени две видеа на кои се гледа животно како се движи низ населбата северно од Истанбул, гувернерот на градот мобилизираше тимови од експерти за заштита на животни, полицијата и специјализирани воени единици. На жителите им беше препорачано да останат во своите домови, а пристапот до шумскиот предел, кој се протега на 54 квадратни километри, беше ограничен.
Но, доцна синоќа, властите ја променија првичната проценка. Според новата анализа на снимките, животното не било лавица, ниту каква било друга голема мачка, пренесува „Асошиејтед прес“.
Во официјалното соопштение се наведува дека областа била темелно пребарана, како од воздух, така и на терен, но не биле пронајдени докази што би потврдиле дека таму се движел лав.
„Областа беше пребарана од воздух со помош на дрон опремен со термални камери, како и на терен од страна на нашите тимови. Беа поставени и мамки, како и камери со сензори за движење. Пребарувањето на теренот не донесе никакви конкретни докази за присуство на лав во тој дел“, соопштија властите.
Промената на официјалната верзија предизвика збунетост кај граѓаните, кои сега се прашуваат кое животно било забележано и зошто првично било идентификувано како лавица. Дел од нив претпоставуваат дека станува збор за големо куче, додека на социјалните мрежи се појавија и иронични објави со снимки од домашни мачки, во кои се прашуваат дали токму такво животно било предмет на потрагата.
И покрај официјалното соопштение, некои медиуми објавија и дополнителна снимка на која се гледа животно како излегува од грмушките, повторно отворајќи ја дилемата дали можеби сепак станува збор за лав.






