Физичкиот напад врз лекар и медицинска сестра од Итната медицинска помош пред поликлиниката „Јане Сандански“ во скопски Аеродром предизвика реакции и кај дел од медицинските лица, кои остро ги осудија насилството и коментарите на социјалните мрежи со кои се оправдува нападот.
Инцидентот се случи на 21 ноември, кога татко и син нападнале здравствени работници по несогласување околу транспортот на повозрасен пациент до Клиничкиот центар. Според објавените информации, семејството инсистирало пациентот, за кој се наведува дека испил антифриз, да биде пренесен со амбулантно возило, додека медицинската екипа проценила дека транспортот може да се изврши и со приватен автомобил.
По расправијата, лекарот и медицинската сестра биле физички нападнати, при што се здобиле со повреди и биле хоспитализирани. Полицијата го привела 41-годишниот маж, додека неговиот татко бил однесен на лекарски преглед.
По случајот, на социјалните мрежи се огласија повеќе доктори, реагирајќи и на навредливите коментари и на обидите нападот да се оправда.
Д-р Бојан Трајковски изрази разочарување од коментарите во кои се поддржува насилството врз медицинските работници.
„Токму истиот оној народ кој сака бесплатно здравство, услужување веднаш штом ќе дојде без да чека било каков ред, кој со желби доаѓа кај лекарот и кажува што да му се препише, е со коментари од типот: ‘Ако им е, требало да ги утепаат, пиштол можел да им извади, малку им е, заслужуваат полошо’ и ред други гнасотии.
Сè додека се ситите на крв, на трагедии, на физички напад, ништо кај нас нема да се смени, а емпатијата ќе биде сè помалку присутна, зошто и вие ја немате“, напиша тој.
Реакција имаше и од д-р Нико Беќаровски, кој ги осуди нападите врз здравствените работници, но и негативните коментари што се појавија по инцидентот.
Тој посочи дека таткото и синот, кои ги нападнале докторот и медицинската сестра, треба да ја понесат законската одговорност за своите постапки, а особено го вознемириле коментарите на социјалните мрежи и порталите.
„Силеџиите (татко и син), кои без никаква причина ги натепале докторот и медицинската сестра кои се вратиле од интервенција, се надевам ќе си ја добијат заслужената законска максимална казна!
Изминативе два дена сум згрозен од коментарите низ социјалните мрежи и портали, кои без воопшто да знаат што точно се случило исфрлија илјадници жолчни зборови, клетви врз целиот здравствен кадар и воодушевување од овој грозоморен чин“, напиша Беќаровски.
Докторот реагираше и на дел од коментарите што, според него, го оправдуваат насилството, нагласувајќи дека оние кои ќе се обидат да го бранат ваквото однесување ќе бидат блокирани на неговите профили.





