Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна средба со новоименуваната амбасадорка на Обединетото Кралство, Маја Сивагнанам, на која беше потврдена одличната досегашна соработка и заедничката определба за натамошно продлабочување на партнерските односи меѓу двете држави во областа на безбедноста.
На средбата се разговараше за тековните активности и можностите за унапредување на полициската соработка, со посебен акцент на борбата против сериозниот и организиран криминал, граничната безбедност, справувањето со нелегалната миграција, сајбер-криминалот и недозволените финансиски текови.
Посебно внимание беше посветено на активностите во рамки на Заедничката работна група за миграција, како и на натамошното зајакнување на оперативната и регионалната полициска соработка, размената на информации и искуства и јакнењето на професионалните и техничките капацитети на македонската полиција.
Министерот Тошковски изрази благодарност за континуираната поддршка што Обединетото Кралство му ја дава на Министерството за внатрешни работи преку експертска и техничка помош, специјализирани обуки и реализација на заеднички проекти.
На средбата беше истакнато дека Договорот за стратешко партнерство меѓу Македонија и Обединетото Кралство претставува значајна основа за натамошно продлабочување на соработката во областа на безбедноста и реализација на заеднички активности насочени кон поефикасно справување со современите безбедносни предизвици, поголема регионална стабилност и безбедност на граѓаните.






