ПРВ.мк
Балкан

ФБИ ОТКРИ МИЛИОНИ УКРАДЕНИ КАРТИЧКИ: Балканец екстрадиран во САД, се соочува со осум федерални обвиненија!

ФБИ ОТКРИ МИЛИОНИ УКРАДЕНИ КАРТИЧКИ: Балканец екстрадиран во САД, се соочува со осум федерални обвиненија!

Дваесет и едногодишниот Хектор Авдили од Косово е екстрадиран во Соединетите Американски Држави, каде што ќе одговара по осум точки од федерално обвинение поврзано со продажба на украдени податоци од платежни картички преку интернет.

Случајот доби големи размери откако агентите на Федералното истражно биро (ФБИ), при претрес на еден од неговите хард дискови, пронашле околу 2,7 милиони броеви на кредитни, дебитни и подарочни картички, заедно со лични информации поврзани со нив. Информацијата ја соопшти американското Министерство за правда.

Според судските документи, Авдили на криминални форуми на даркнет користел различни псевдоними под кои огласувал и продавал украдени финансиски податоци наменети за измами. Даркнет е дел од интернетот до кој се пристапува преку посебен софтвер, а осомничениот тврдел дека податоците ги прибавувал од интернет-продавници со помош на злонамерен софтвер.

Во рамките на истрагата, ФБИ тајно купило од него повеќе од 27.000 украдени броеви на кредитни картички, заедно со лични информации на нивните сопственици. Меѓу податоците биле и безбедносните кодови на картичките, имињата и презимињата, адресите на живеење, телефонските броеви и адресите на електронска пошта.

Меѓу жртвите чии податоци биле понудени на продажба имало и околу 300 лица со адреси во американската сојузна држава Висконсин.

Засега американските власти не откриваат колкав дел од пронајдените податоци биле искористени за злоупотреби, од кои земји потекнуваат сите сопственици на картичките, ниту колкава финансиска штета била предизвикана.

Бред Шимел, прв помошник на федералниот обвинител за Источниот округ на Висконсин, истакнал дека кражбите на лични и финансиски информации преку интернет предизвикуваат штети од милијарди долари кај американските потрошувачи. Тој ги повикал граѓаните редовно да ги проверуваат своите банкарски сметки и да реагираат на сомнителни трансакции.

„Внимавајте на купувањата или повлекувањата пари што не ги препознавате или ви изгледаат сомнително“, предупредил Шимел, пренесува американското радио ВТМЈ.

Идентитетот на продавачот бил утврден во текот на истрагата, по што Авдили бил уапсен во јули годинава во регионот на Призрен, по барање на американските власти.

Неговиот адвокат во Косово, Блерим Мазреку, ја оспорил одлуката за екстрадиција. Тој тврдел дека делата за кои се бара Авдили се поврзани со територијата на Косово и дека претходната истрага што се водела против него во земјата била запрена.

Сепак, Апелацискиот суд ја одбил жалбата. Во образложението било наведено дека претходната истрага била прекината од процедурални причини, а не поради недостиг на основано сомнение. Судот оценил и дека последиците од наводните кривични дела биле почувствувани и на територијата на САД, објави косовскиот портал „Лајми“, повикувајќи се на судското решение.

На 19 ноември косовските власти го предале Авдили на претставници на американската Служба на федерални маршали на меѓународниот аеродром во Приштина. Следниот ден тој бил изведен пред федералниот суд во Милвоки, каде што му бил одреден притвор до почетокот на судењето.

„Правдата не познава граници, ќе ве пронајде“, порача Алан Кар, раководител на канцеларијата на ФБИ во Милвоки, посочувајќи ја важноста на меѓународната соработка во откривањето и гонењето на сајбер-криминалот.

Обвинението против Авдили било поднесено во октомври минатата година и содржи осум точки: четири за измами преку електронски комуникации, две за измами со средства за пристап до финансиски сметки и две за кражба на идентитет во отежнувачки околности.

Според американската телевизија ВИСН 12, обвинението се однесува на активности за кои се тврди дека се случувале во периодот од март 2024 до јануари 2025 година. Неговиот адвокат во САД, Ден Адамс, не сакал да даде коментар за случајот.

Авдили се смета за невин сè додека неговата вина не биде докажана пред надлежен суд.