Старееме, но не старееме здраво, и ниту еден здравствен буџет нема да го издржи предизвикот на стареењето болни, порача денеска директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, во своето обраќање на националната конференција „Од податоци до политики: Како да ја намалиме цената на пушењето?“, во организација на Аналитика тинк-тенк и СЗО Македонија.
Тој истакна дека решенијата за подолг и здрав живот се едноставни и вклучуваат 30 минути движење дневно, откажување од цигарите и алкохолот и здрава исхрана, нагласувајќи дека тоа е подобро и за поединецот и за целото општество.
Во своето излагање, Клековски се осврна на неколку клучни аспекти поврзани со достапноста и пристапноста на цигарите во земјава:
- Нова законска регулатива: Дел од прашањата се решаваат со новиот закон за заштита од употреба на производи од тутун и сродни производи, кој веќе е во второ читање.
- Продажба на малолетници: Забраната за продажба на малолетни лица не се спроведува во над 70 отсто од случаите и не може да функционира само со ад хок инспекциски надзор. Потребен е систем за следење на продажбата, а Министерството за здравство веќе ги проучува постоечките модели.
- Финансиски товар: Просечен пушач консумира од 275 до 300 кутии цигари годишно, што чини над 750 евра — износ кој е за околу 50 отсто поголем од просечните годишни здравствени придонеси што ги плаќа истиот граѓанин. Со двојно поголем процент на пушачи од европскиот просек, штетите по здравјето, продуктивноста и здравствениот систем се огромни и неодржливи.
- Наменски акцизи: Цената на цигарите не треба да биде само инструмент за намалување на побарувачката, туку и начин за покривање на здравствените трошоци. Приходот од акцизите на производите што го уништуваат здравјето треба наменски да се враќа во здравствениот систем каде што се санираат тие штети, што претставува поширока политичка одлука.






