ПРВ.мк
Свет

МИСТЕРИЈАТА ЌЕ СЕ ОТКРИЕ ДУРИ ВО 2085 ГОДИНА: Кралицата Елизабета оставила писмо што никој не смее да го отвори!

МИСТЕРИЈАТА ЌЕ СЕ ОТКРИЕ ДУРИ ВО 2085 ГОДИНА: Кралицата Елизабета оставила писмо што никој не смее да го отвори!

Во историската зграда „Кралица Викторија“, во центарот на австралискиот град Сиднеј, се чува запечатено писмо напишано од британската кралица Елизабета Втора. Неговата содржина е строго чувана тајна, а инструкциите на пликот наложуваат да биде отворено дури во 2085 година.

Писмото било напишано во ноември 1986 година, но дури ни најблиските советници на кралицата, ниту членовите на кралскиот двор, не знаеле каква порака оставила. Според пишувањето на „Телеграф“, мистеријата ќе остане неразјаснета уште речиси шест децении.

На надворешната страна од пликот Елизабета Втора оставила посебни инструкции за идниот градоначалник на Сиднеј, со кои прецизно одредила кога и кому треба да биде пренесена пораката.

„На ден што вам ви одговара, во 2085 година, ве молам отворете го овој плик и пренесете им ја мојата порака на граѓаните на Сиднеј“, стои во пораката на кралицата.

Писмото е поврзано со историјата на зградата „Кралица Викторија“, која била изградена и отворена во 1898 година. Во средината на 20 век објектот се нашол пред сериозна опасност од уривање, но по реакциите и заложбите на граѓаните, архитектите и активистите, бил зачуван и подоцна реставриран.

Токму по завршувањето на реставрацијата во 1986 година, кралицата го напишала таинственото писмо. Изборот на 2085 година не бил случаен – тогаш истекува 99-годишниот договор за закуп на зградата.

По смртта на Елизабета Втора во септември 2022 година, писмото добило уште поголема историска вредност, а интересот за неговата содржина дополнително се зголемил.

Иако никој не знае што точно напишала кралицата, постојат претпоставки дека пораката содржи благодарност до жителите на Сиднеј кои се бореле за зачувување на историскиот објект. Можно е во неа да има и желби за мир, напредок и просперитет на Австралија.

Сепак, сето тоа засега останува само на ниво на претпоставки. Вистинската порака на кралицата ќе биде откриена дури во 2085 година, кога запечатениот плик конечно ќе смее да биде отворен.