Вознемирувачко сведоштво за врсничко насилство во Скопје сподели Ива Стојановиќ, која тврди дека на 23 ноември интервенирала за да спречи физички напад врз ученик на паркинг пред маркет, додека група деца го набљудувале случувањето и навивале, а други присутни возрасни не реагирале.
Според нејзината објава на социјалните мрежи, инцидентот се случил околу 11:30 часот, на паркингот пред маркетот „Супер Тинекс“ кај Кончар. Таа првично забележала две деца за кои помислила дека се туркаат, но набргу сфатила дека ситуацијата е многу посериозна.
Како што раскажува, едното момче го нападнало другото, кое се обидувало да се оддалечи и да го замоли да престане, додека околу нив се собрала група деца кои го следеле инцидентот.
Стојановиќ веднаш излегла од автомобилот и му пришла на момчето што го напаѓало другото, повлекувајќи го за ракав и барајќи да престане. Според нејзиното сведоштво, ученикот се обидел да го оправда своето однесување, тврдејќи дека станувало збор за шега.
„Ништо, ништо, се зезаме“, ѝ рекло момчето, според нејзината објава.
Таа, сепак, забележала дека нападнатото дете е вознемирено и дека на лицето има видливи црвенило на челото, образите и брадата. Кога го прашала што се случило, ученикот ѝ кажал дека нападот бил најавен уште претходно, во училиштето.
„Уште во школо ми рече ќе видиш на голем одмор и сега ме нападна“, ги пренесува Стојановиќ зборовите на детето.
Скопјанката му предложила да повикаат полиција и заедно да дадат изјава за случајот, но ученикот ја замолил да не го прават тоа во моментот, бидејќи требало да се врати на часови. Според нејзиното сведоштво, детето планирало да го пријави случувањето кај училишниот педагог.
Во меѓувреме, им пришло и друго момче од групата, кое, според Стојановиќ, го повикало нападнатиот ученик да си замине и да не го пријавува случајот во полиција.
Токму реакцијата на ова момче дополнително ја вознемирила скопјанката, која раскажува дека по нејзиното негодување добила дрзок одговор.
„Откако сочно му реков мрш бре на копиљот, ми се сврте и ми рече: ‘Знаеш ли кој ми е татко?’“, напиша таа.
Стојановиќ додава дека по таквата реакција побарала момчето да му се јави на татко му и да го повика на местото на настанот.
Остра порака до возрасните кои не реагирале
Во својата објава, Стојановиќ остро ги критикува возрасните кои, според неа, биле присутни на паркингот, но не направиле ништо за да го спречат насилството.
Таа посочува дека особено е загрижувачки кога физички напад врз дете се случува пред очите на други луѓе, кои наместо да реагираат или да побараат помош, остануваат неми набљудувачи.
„СРАМ да ви е, на сите вас што бевте неми посматрачи, додека пред вас се одвиваше физичко насилство“, напиша Стојановиќ.
Критики упати и до родителите, нагласувајќи дека воспитувањето, одговорноста и односот кон насилството се градат уште во семејството.
Според неа, случајот отвора и прашања за ефективноста на кампањите против врсничкото насилство, особено ако, како што тврди нападнатото дете, конфликтот и заканите започнале уште во училиште.
„Не смеете да вртите поглед и да молчите. Никој“, порача скопјанката.
На крајот од сведоштвото, таа раскажува дека нападнатото момче, пред да замине, се вратило до неа и тивко ѝ се заблагодарило за помошта.
Стојановиќ јавно изразила подготвеност да сведочи доколку родителите на детето одлучат случајот да го пријават и да поведат постапка.








