ПРВ.мк
Сцена

СЕВЕРИНА ДОБИ ЛАДЕН ТУШ: За пејачката нема термини за концерт во Белградската арена!

СЕВЕРИНА ДОБИ ЛАДЕН ТУШ: За пејачката нема термини за концерт во Белградската арена!

Тимот на хрватската пејачка Северина тврди дека Белградската арена ги повлекла претходно понудените термини за нејзините концерти, откако организаторите откриле дека токму таа е изведувачот за кој преговараат. Според нив, преговорите со раководството на арената биле во тек, но комуникацијата ненадејно била прекината.

За српскиот портал Nova.rs, од тимот на пејачката откриле дека со денови разговарале со директорот на Белградската арена, Стефан Бабиќ, за организација на концерти во февруари и март, но ситуацијата се променила откако било откриено името на изведувачот.

Северина во август 2024 година јавно најави дека нема да настапува во Србија додека Александар Вучиќ е на власт. Таа тогаш реагираше по инцидентот на српската граница, каде што била задржана и испрашувана од полицијата во врска со нејзините ставови за геноцидот во Сребреница, операцијата „Олуја“ и ископувањето литиум.

По политичките промени во Србија, пејачката одлучила повторно да ги разгледа можностите за концертни настапи во земјата. Нејзиниот тим, како што наведуваат, веднаш по изборите контактирал со Белградската арена и побарал информации за достапните датуми, притоа не откривајќи за кој изведувач станува збор.

Од арената им било одговорено дека постојат слободни термини во втората половина на февруари, како и во текот на март.

Во меѓувреме, на организаторите им бил испратен стандарден договор, во кој, според српските медиуми, имало и клаузула со која се предвидува казна од 500.000 евра доколку изведувачот даде политичка изјава пред концертот, за време на настапот или по неговото завршување.

Неколку дена подоцна бил организиран состанок со директорот на арената, Стефан Бабиќ. На средбата, членовите на тимот му откриле дека концертите ги планираат за Северина, по што, според нивното сведочење, Бабиќ веднаш реагирал дека одеднаш нема повеќе достапни термини.

Тие тврдат дека директорот им рекол дека мора дополнително да ја провери ситуацијата и да се консултира со „некого над него“.

Последниот разговор, според тимот на пејачката, се случил на 17 ноември, кога Бабиќ повторно им соопштил дека во Белградската арена нема слободни термини за Северина до летото.

Организаторите побарале оваа информација да им биде доставена и во официјален писмен документ, но, како што наведуваат, одговор на барањето испратено преку електронска пошта не добиле.

Северина во изминатите години често јавно ги критикуваше политиките на Александар Вучиќ, а во последните две години изразуваше поддршка и за студентските протести во Србија.