Скопјани од 1 јануари 2027 година повторно ќе плаќаат поскапо парно греење. Според предлог-пресметките објавени на веб-страницата на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), за најголемиот дел од домаќинствата се предвидува зголемување на цената за околу 7,5 проценти.
Предложеното поскапување се однесува на домаќинствата кои се снабдуваат со топлинска енергија преку „ЕСМ Снабдување“, но и на корисниците приклучени на мрежата на „Скопје Север“, со која управува приватната компанија „Енерџи Еколинк“.
Повисоки сметки ги очекуваат и домаќинствата кои користат топлинска енергија од „ЕСМ Енергетика“, познато и како железарско парно. За оваа категорија потрошувачи е предложено зголемување на цената за 7,2 проценти.
Поскапувањето ќе биде уште поголемо за недомаќинските потрошувачи, односно компаниите и другите правни лица кои се приклучени на системот за централно греење. За нив, според предлог-пресметките, цената на топлинската енергија би се зголемила за околу 13 проценти.
Како главна причина за новата корекција на цените, во документацијата на РКЕ се наведува зголемувањето на цената на природниот гас. Сепак, од објавените документи не може точно да се утврди по која набавна цена е пресметан гасот, ниту по која цена ќе се откупува топлинската енергија произведена од ТЕ-ТО.
Доколку предложените тарифи бидат одобрени, новите цени на парното ќе почнат да се применуваат од 1 јануари 2027 година.
Ова би било третото поскапување на парното во период од една година. По претходните две корекции, цената на греењето веќе беше зголемена за вкупно околу 11 проценти, а новото поскапување дополнително ќе го зголеми товарот врз домашните буџети, и тоа во текот на грејната сезона.








