ПРВ.мк
Црна Хроника

СОПСТВЕНИОТ СОПРУГ ЈА ДРОГИРАЛ, А НЕПОЗНАТИ МАЖИ ЈА СИЛУВАЛЕ: Жена живеела хорор цели 13 години!

СОПСТВЕНИОТ СОПРУГ ЈА ДРОГИРАЛ, А НЕПОЗНАТИ МАЖИ ЈА СИЛУВАЛЕ: Жена живеела хорор цели 13 години!

Предупредување: Во текстот се споменуваат сексуално насилство и злоупотреба.

Кога Џоан Јанг се разбудила врзана за кревет, не ни насетувала на каков ужас била изложена додека била во бессознание. Кога го слушнала тогашниот сопруг Филип Јанг како некому му вели да „легне“, брзо сфатила дека во спалната соба се наоѓа уште некој. Без нејзино знаење, сопругот ја нудел Џоан на интернет на непознати мажи за сексуално злоставување, а потоа ја омамувал со средства за успивање и ги повикувал во нивната спална соба. Тоа траело 13 години.

Во четвртокот, 12 ноември, четворица мажи беа осудени за низа кривични дела, меѓу кои силување и сексуално злоставување на Џоан. Нејзиниот поранешен сопруг претходно веќе ја призна вината по повеќе точки од обвинението за силување.

Признанија на претходно рочиште и различни биографии

На претходното рочиште, Јанг, поранешен советник на Конзервативната партија, и Дин Хамилтон ја признаа вината за силување и сексуално злоставување. Осудените мажи имаат различни работни биографии – еден од нив работел на проекти за нуклеарна одбрана на британското Министерство за одбрана, додека друг во 1980-тите возел камиони на Црвениот крст со кои се носела помош во Романија.

По изрекувањето на пресудите, Џоан пред судот изјави: „Молчењето не е избор ако навистина сакаме да го спречиме злоставувањето“. Случајот многу потсетува на случајот со повеќекратното силување на Жизел Пелико во Франција, а експертите оценуваат дека станува збор за „длабоко трауматична форма на злоставување“.

Огласи на интернет и тврдења за „согласност“

На интернет, Јанг ова злоставување го претставувал како заедничка сексуална склоност, односно како облик на немоногамија со која наводно се согласуваат двата партнера. На фотографиите во огласите објавувани на сајтови како „Крегслист“ (Craigslist) и „Грајндр“ (Grindr), Џоан била прикажана неподвижна и врзана за кревет.

„Јанг ја дрогираше Џоан за да може сексуално да ја злоставува и да го снима тоа злоставување, но и за да организира доаѓање на други мажи кои исто така сексуално би ја злоставувале“, изјави Џејмс Фостер, специјален обвинител во Кралската обвинителска служба (CPS) во Англија и Велс.

Еден од мажите кои се јавиле на огласот е 46-годишниот Дин Хамилтон, кој призна дека ја силувал и сексуално ја злоставувал Џоан во 2015 година. Останатите осудени се 32-годишниот Конор Сандерсон-Дојл, 62-годишниот Ричард Вилкинс, 48-годишниот Норман Максони и 38-годишниот Мухамед Хасан – мажот на кого Јанг му рекол да „легне“ кога Џоан се разбудила.

Пред судот тие изјавија дека верувале оти имаат согласност и од Џоан и од Јанг, како и дека им било кажано оти таа само се преправа дека спие, иако всушност била под дејство на силни седативи.

„Меѓутоа, за време на тоа злоставување, тие ниту еднаш не ја прашаа Џоан Јанг што сака, ниту покажаа каков било интерес за нејзините желби“, рече Фостер. Во изјава прочитана пред судот, еден од соучесниците го нарече Јанг „чудовиште“.

Прашања за согласноста и одговорноста на онлајн-платформите

Според законот, сексуална согласност може да се даде само доколку лицето пристапува со сопствена волја и има слобода и способност да донесе таква одлука. Мериен Хестер, професорка емеритус на Универзитетот во Бристол во Обединетото Кралство, нагласи дека Џоан очигледно не била во состојба да каже „не“, посочувајќи дека жена не може да даде согласност за сексуален однос додека спие или кога е омамена под дејство на дрога.

„Мораме да го преиспитаме однесувањето на мажите, начинот на кој сметаат дека е прифатливо да имаат сексуални односи и начинот на кој сите ние продолжуваме да ги нормализираме тие изразито насилни постапки во сексуален контекст“, рече Хестер, додавајќи дека поради покренатите истраги во повеќе земји, можно е да излезат на виделина уште многу вакви случаи.

Случајот повторно ја отвори и темата за одговорноста на интернет-страниците што се користат за организирање сексуално злоставување. Лиса Сугијура, професорка по високотехнолошки криминал и родови студии на Универзитетот во Портсмут, смета дека дигиталните платформи сносат одговорност за содржините што го нормализираат насилството врз жените.

„На овие сајтови често се појавуваат и сексуални фотографии и снимки без согласност, како и изразито насилен јазик и реторика против жените. Навистина се прашувате како е можно вакви форуми непречено да функционираат, без надзор и одговорност“, изјави таа.

Стотици истраги низ Велика Британија

Податоците покажуваат дека низ Обединетото Кралство во моментов се истражуваат стотици слични можни кривични дела. Националната агенција за борба против криминалот (NCA) соопшти дека постои итна потреба проблемот да се третира како меѓународно прашање, а нејзините истражители идентификувале повеќе од 270 лица поврзани со еден интернет-форум и групите произлезени од него.

Портпарол на полицијата во грофовијата Вилтшир во југозападна Англија изјави дека точниот број на случаи на силување со употреба на дрога не е познат, бидејќи жртвите често не се ни свесни дека биле цел на злоставување, може да имаат делумно губење на помнењето или симптомите првично да ги припишат на алкохол.

Професорката Сугијура оценува дека технологијата го олеснила извршувањето и прикривањето на злоставувања што можеби постоеле со години, овозможувајќи им на сторителите анонимност, заштита на угледот во реалниот живот и поврзување во пошироки мрежи каде што се разменуваат совети и се поттикнуваат насилни и мизогини содржини.

Најнови вести