Повеќе од 12.000 луѓе беа евакуирани од арената „Co-op Live“ во Манчестер откако за време на концертот на американскиот рапер Дон Толивер беше испуштена непозната супстанца, поради што полицијата прогласи вонредна состојба од големи размери.
Инцидентот се случил нешто по 22 часот, кога било пријавено дека посетителите на концертот имаат здравствени тегоби по изложување на непозната супстанца.
Службата за итна медицинска помош соопшти дека повеќе од 50 луѓе, од кои некои имале респираторни проблеми и проблеми со очите, биле згрижени на самото место, а едно лице е пренесено во болница, пренесува „Скај њуз“.
Додека едно лице е хоспитализирано, на местото на настанот бил ангажиран специјализиран тим за интервенции во опасни средини, а од претпазливост била започната и деконтаминација.
Непозната супстанца
Полицијата првично се сомневала дека станува збор за солзавец, но подоцна соопшти дека се работи за засега непозната супстанца.
На снимките објавени на социјалните мрежи се гледаат посетители како кашлаат и ги прекриваат устите додека ја напуштаат концертната сала.
Помошничката на началникот на полицијата на Голем Манчестер, Стеф Паркер, изјави дека прогласувањето вонредна состојба им овозможило на итните служби и другите надлежни институции да го координираат одговорот на инцидентот и да обезбедат безбедна евакуација.
– Сега целосно ќе утврдиме за која супстанца станува збор и како дошло до овој инцидент – наведе Паркер.
Управата на арената „Co-op Live“, најголемата концертна сала во Велика Британија, соопшти дека соработува со полицијата за утврдување на причините за инцидентот.








