Денеска е формиран Националниот комитет за заштита и безбедност на новинарите, со што се прави значаен чекор кон зајакнување на институционалните механизми за заштита на новинарите и медиумските работници во државата.
Во своето обраќање по повод формирањето на ова тело, министерот за внатрешни работи истакна дека иницијативата е резултат на определбата на Владата за системско унапредување на медиумските слободи, а Комитетот се формира по прифаќање на обврската од Советот на Европа и неговата Препорака од 2016 година.
„Слободното и безбедно новинарство не е привилегија на новинарите, туку право и потреба на секое демократско општество. Нивната работа понекогаш е непријатна за носителите на јавни функции. Понекогаш прашањата се тешки, критиките остри, а објавените информации отвораат сериозни општествени дебати. Но, токму тоа е суштината на демократијата. Силата на една институција не се гледа во тоа колку е пофалена, туку во тоа колку е подготвена да биде прашана, проверена и повикана на одговорност“, нагласи министерот.
Тој порача дека напад врз новинар поради неговата професионална работа не е само напад врз поединец, туку напад врз правото на јавноста да биде информирана, додавајќи дека МВР континуирано работи на унапредување на соработката со новинарската заедница, особено со Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ).
Во рамки на досегашните активности, Министерството веќе има одредено национална фокална точка, локални фокални точки во сите сектори за внатрешни работи, како и контакт-точка во областа на сајбер-безбедноста, со цел навремена реакција при онлајн-закани и вознемирувања, кои можат да бидат подеднакво сериозни како и физичките напади.
„За мене, најважно е овој Комитет да не остане само формално тело. Неговата успешност нема да ја мериме според бројот на одржани состаноци или усвоени документи, туку според тоа дали новинарите ќе се чувствуваат побезбедно, дали заканите ќе се пријавуваат навремено и дали институциите ќе реагираат ефикасно“, истакна министерот, изразувајќи благодарност до Советот на Европа за поддршката преку кампањата „Новинарите се важни“.
На крајот од обраќањето, тој порача дека во демократско општество новинарот не треба да биде храбар за да постави прашање, туку треба да биде слободен и безбеден да го направи тоа, уверувајќи дека МВР останува посветен партнер во остварувањето на таа цел.









