ПРВ.мк
Македонија

УБАВА ВЕСТ ЗА МЛАДИТЕ: Најавени три проекти!

УБАВА ВЕСТ ЗА МЛАДИТЕ: Најавени три проекти!

Три нови мерки насочени кон младите во Македонија најави премиерот Христијан Мицкоски, со кои, според него, треба да се олеснат едни од најголемите предизвици со кои се соочуваат младите луѓе – обезбедувањето сопствен дом и подобрувањето на нивниот животен стандард.

Мерките беа претставени на 35-та годишна конференција на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, која се одржа под мотото „Нашата генерација – нашата Македонија“. Мицкоски најави поповолни услови за купување стан за младите брачни парови, ослободување од комунални давачки при изградба на куќа, како и нова студентска картичка која ќе овозможува попусти за различни услуги.

Премиерот посочи дека Владата смета оти овие три проекти ќе помогнат во решавањето на клучните прашања за младите, особено во делот на егзистенцијата и домувањето, нагласувајќи дека нивната политика се темели на проекти и конкретни активности.

Првата најавена мерка е наменета за брачни парови до 35 години кои ќе купуваат стан. Според планот што го претстави Мицкоски, градежните компании ќе мора да издвојат најмалку 10 проценти од станбените единици во секоја нова зграда за оваа категорија купувачи, а становите ќе се продаваат по цена најмалку 20 проценти пониска од пазарната вредност.

За спроведување на мерката ќе биде предложен закон во Собранието, со кој обврската ќе биде регулирана. Мицкоски нагласи дека компаниите кои ќе градат станбени објекти, без оглед на тоа во кој град или населено место се наоѓаат, нема да можат да добијат дозвола за градба доколку не го исполнат условот за издвојување на минимум 10 проценти од станбениот простор за младите брачни парови.

„Првата мерка којашто денеска ќе ја објавам, а којашто најскоро ќе се најде како закон пред македонските пратеници, е мерка во којашто ниту една градежна компанија којашто има намера да гради станбени единици, згради без разлика во кој град и без разлика во кое место во Македонија, нема да може да добие дозвола за градба ако не оддели минимум 10% станбена површина за брачни парови до 35 години, по цена којашто ќе биде најмалку 20% пониска од пазарната цена“, рече Мицкоски.

Тој порача дека со оваа законска обврска ќе се настојува да се промени начинот на кој се реализира станбената изградба, со поголем акцент на хуманото градење и на достапноста на домовите за младите. Според најавата, попустот ќе се однесува на секој продаден квадратен метар од издвоените станбени единици, а цената ќе биде најмалку 20 проценти под пазарната вредност.

Мицкоски воедно ги критикуваше предлозите на други политички партии кои, како што рече, се фокусирале на субвенционирање на дел од каматните стапки, оценувајќи дека неговата мерка нуди поголема финансиска поволност за купувачите.

Втората мерка е поврзана со младите брачни парови до 35 години кои ќе одлучат да изградат сопствена куќа. Премиерот најави законско решение со кое општините на оваа категорија граѓани нема да им наплаќаат комуналии за изградба на нивниот дом.

Според најавата, ослободувањето од комуналните давачки ќе важи на територијата на целата држава, а ќе биде наменето за брачни парови до 35 години кои ќе се одлучат сами да изградат куќа во која ќе го оформат своето семејство.

„Втората мерка, исто така за брачни парови до 35 години. Секој оној којшто ќе гради дом, куќа своја во којашто ќе го гради своето семејство, преку закон повторно пред пратениците во македонскиот Парламент ќе донесеме одлука со којашто општините нема да наплаќаат комуналии. За куќа, за брачен пар до 35 години општините нема да наплаќаат комуналии на цела територија на Македонија“, најави Мицкоски.

Тој повторно направи споредба со предлозите за субвенционирање на каматите, посочувајќи дека оваа мерка предвидува целосно ослободување од комуналии за оние кои ќе ги исполнуваат условите, односно нула комунални давачки при изградба на сопствен дом.

Третата мерка е насочена кон студентите и предвидува воведување студентска картичка која ќе биде интегрирана во апликацијата М-услуги. Со неа, студентите би добиле пристап до пониски цени за топли оброци, но и за голем број други услуги, со попусти од најмалку 20 проценти.

Мицкоски рече дека оваа иницијатива ја разработуваат заедно со Генералниот секретаријат, Министерството за образование, Министерството за финансии и Министерството за дигитална трансформација, а целта е студентите да добијат дополнителни поволности преку дигиталната платформа.

Тој потсети дека темата за студентскиот оброк и картичката претходно била разговарана со претставници на студентските организации, нагласувајќи дека, како професор и човек кој често комуницира со младите, смета дека Владата треба да има партнерски однос со студентите.

„И за таа цел разработуваме заедно со Генералниот секретаријат, заедно со Министерството за образование, Министерството за финансии, Министерството за дигитална трансформација апликација преку М-услуги концептот, да секој студент не добие усогласување со, она коешто се вели инфлација, трошоци за живот, зголемување на оброкот. Туку да добие услуги со најмалку 20 проценти пониски цени не само за топлиот оброк, туку за многу други услуги коишто ќе ги користи, користејќи ја М-услуги апликацијата“, изјави премиерот.

Според неговото објаснување, студентите ќе можат да ја користат картичката и за други услуги со повластени цени, а предвидено е поволностите да продолжат да им бидат достапни и по искористувањето на месечниот буџет за одредена услуга. Така, како што најави, студентите би можеле да користат дополнителни привилегии во периодот од крајот на еден месец до почетокот на следниот.

Мицкоски оцени дека ваквиот концепт би претставувал нова можност за студентите во Македонија, со поволности за кои, според него, нема сличен пример ниту кај студентите во Европската Унија.