Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) предупредува на силен ветер, дожд и снег на планините, како и на значително заладување во наредните денови. За понеделник, 23 ноември, е означено портокалово ниво на предупредување поради ветерот, особено во западните делови на Македонија.
Според прогнозата, врнежите ќе започнат во текот на ноќта во западните региони, а потоа постепено ќе се прошират низ целата земја.
Поради продор на студена воздушна маса, на повисоките места ќе има мешани врнежи од дожд и снег, додека на планините ќе врне снег.
Ветерот повремено ќе достигнува брзина над 70 километри на час. Претпладне ќе дува од западен, а попладне од северен правец.
Во понеделник минималните температури ќе се движат од 2 до 9 степени, додека максималните ќе достигнат од 11 до 19 степени.
Во вторник следува дополнително заладување. Времето ќе биде претежно сончево со мала облачност, но утринските температури ќе се спуштат до минус 4 степени. Дневните ќе се движат од 6 до 14 степени.
Најстудено се очекува да биде во среда, кога утринската температура на одредени места ќе падне до минус 6 степени. Во текот на денот ќе преовладува сончево и студено време, со услови за утринска магла.
Кон крајот на средата повторно се очекуваат врнежи од дожд во западните делови, а на планините снег.
Во четврток ќе преовладува облачно време со дожд, додека на повисоките места ќе има снег. Пообилни врнежи се очекуваат во западните региони.
УХМР најавува променливо и студено време во текот на целата работна недела, со силен ветер на почетокот, минусни утрински температури и нови врнежи во нејзината втора половина.








