Вистинска вознемиреност меѓу жителите на Истанбул предизвикала информацијата дека лавица е забележана како слободно се движи во северниот дел на градот. Надлежните служби започнале потрага, а граѓаните добиле предупредување да бидат особено внимателни.
Инцидентот е пријавен во истанбулската општина Саријер, откако едно лице ги известило надлежните дека забележало животно за кое верува дека е лав.
Според турскиот весник „Јени Шафак“, екипите што излегле на терен ги прегледале снимките од безбедносните камери во парковската област.
На снимките било забележано животно за кое се претпоставува дека е женка лав, по што била организирана акција за негово пронаоѓање и безбедно заловување.
Во потрагата се вклучиле службите за заштита на природата и националните паркови, општинската полиција и жандармеријата.
Надлежните ги предупредиле жителите на околните населби да преземат мерки на претпазливост додека трае операцијата.
Командантот на екипите што учествуваат во потрагата изјавил дека подрачјето е опколено и дека се подготвува акција за фаќање на животното.
Планот е лавицата да биде успиена со специјална стрела, а потоа предадена на службите за заштита на природата и националните паркови.
Според турскиот портал „Нефес“, информацијата за можното присуство на лавица предизвикала паника меѓу дел од граѓаните.
Саријер се наоѓа во северниот дел на европската страна на Истанбул и се протега од Босфорот до брегот на Црното Море.
Засега нема потврда дека животното е заловено, ниту информации од каде би можело да потекнува. Надлежните продолжуваат со активностите за негово пронаоѓање.







