ПРВ.мк
Македонија

НОВИ МЕРКИ ПРОТИВ СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО ВО МАКЕДОНИЈА: Секоја пријава веднаш до Обвинителството, институциите ќе постапуваат заедно!

НОВИ МЕРКИ ПРОТИВ СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО ВО МАКЕДОНИЈА: Секоја пријава веднаш до Обвинителството, институциите ќе постапуваат заедно!

Секоја пријава за семејно насилство веднаш да биде доставена до Обвинителството, а полицијата, обвинителите и социјалните служби да постапуваат координирано, без непотребно одложување. Ова е предвидено со договореното итно постапување меѓу надлежните институции во Македонија.

Договорот меѓу Обвинителството, Министерството за внатрешни работи и Министерството за социјална политика следува по низата случаи на фемицид што предизвикаа реакции во јавноста.

Според најавените мерки, институциите треба итно да обезбедуваат медицински вештачења за повредите, да вршат процена на ризикот и навремено да ги прибираат потребните докази.

Целта е побрзо донесување обвинителски одлуки, навремена заштита на жртвите и ефикасен кривичен прогон на сторителите.

Сепак, правните експерти предупредуваат дека договорот не смее да остане само формална мерка, туку мора да резултира со конкретна заштита на лицата изложени на насилство.

Правничката Атанасова потсетува дека протокол за мултисекторска соработка постои уште од 2023 година, но смета дека неговото унапредување може да придонесе за подобра координација и поддршка на жртвите.

Таа ја нагласува потребата од дополнителна обука на службените лица, рано препознавање на различните форми на насилство и спречување на неговото оправдување или нормализирање во јавноста.

Во меѓувреме, дел од невладините организации побараа најмалку 200 милиони денари во буџетот за 2027 година, наменети за помош и заштита на жртвите на насилство.

Организациите бараат и законски измени, утврдување одговорност за институционалните пропусти и фемицидите, како и промени во образовните политики.

Клучното барање на експертите и граѓанските организации е институционалната реакција да биде навремена и ефикасна, со реална заштита на жртвите, наместо мерките да останат само на хартија.