ПРВ.мк
Црна Хроника

УЖАС ЗА ВРЕМЕ НА МИСА ВО ЦРКВА: Верниците почнале да паѓаат во несвест, меѓу нив и деца

УЖАС ЗА ВРЕМЕ НА МИСА ВО ЦРКВА: Верниците почнале да паѓаат во несвест, меѓу нив и деца

Вистинска драма се случила за време на богослужба во Германија, кога повеќе верници одеднаш почнале да паѓаат во несвест. Во инцидентот се затруле 19 лица, меѓу кои и две деца, додека четворица се во тешка состојба.

Инцидентот се случил во капелата на замок во Бад Грененбах, во баварскиот регион Алгој, каде што се одржувала католичка миса.

Според германските надлежни служби, причина за масовното труење бил дефект на системот за греење, поради кој во просторијата се ослободил опасниот гас јаглерод моноксид.

Верниците ненадејно почнале да се онесвестуваат и да паѓаат на подот, по што веднаш биле повикани итните служби.

Полицијата во Кемптен соопштила дека повикот за помош бил примен околу 10:50 часот.

На местото пристигнале бројни противпожарни и медицински екипи, кои започнале со евакуација и укажување помош на присутните.

Портпаролот на Баварскиот Црвен крст, Сохраб Тахери-Сохи, потврдил дека била спроведена голема спасувачка интервенција во која биле опфатени повеќе од 50 лица.

Полицијата потврдила дека 19 лица претрпеле труење, меѓу кои и две деца, а четворица се во тешка состојба. Засега не се објавени дополнителни информации за нивната здравствена состојба.

Јаглерод моноксидот е исклучително опасен гас бидејќи нема боја, мирис ниту вкус, поради што луѓето често не можат да забележат дека се изложени на него.

Кога ќе навлезе во организмот, тој го попречува преносот на кислород преку крвта, што може да предизвика главоболка, вртоглавица, губење на свеста и сериозни оштетувања на органите.

Во најтешките случаи, труењето со јаглерод моноксид може да има и смртоносни последици.

Надлежните служби ги утврдуваат околностите под кои дошло до дефектот на греењето и опасното истекување на гасот.