Доктор и медицинска сестра од екипата на Итната медицинска помош во Скопје биле физички нападнати викендов пред поликлиниката „Јане Сандански“. Според сведоштвата на нападнатите здравствени работници и возачот кој бил дел од нивната екипа, во инцидентот учествувале пациент и неговиот син, а случајот бил пријавен во полиција.
Медицинската сестра за „Слободен печат“ раскажала дека случувањата биле многу вознемирувачки, особено бидејќи во близина имало и други луѓе кои го сведочеле насилството.
„Беше страшна сликата, многу беше страшно зашто имаше и луѓе околу нас. Тепање, значи не знам од кого добив удар од позади. Дали од таткото, зашто таткото – тој што требаше да го носиме ние – тој тепаше повеќе од синот“, раскажала медицинската сестра.
Возачот на возилото на Итната помош, кој бил присутен во текот на целиот инцидент, објаснил дека екипата се враќала од терен по интервенција за сообраќајна незгода, кога пред поликлиниката им пристапиле две машки лица.
Според неговото сведоштво, синот им кажал дека неговиот татко испил антифриз и побарал медицинска помош. Откако забележале дека таткото е на нозе и може да комуницира, докторот предложил синот да го однесе со сопственото возило до Клиниката за токсикологија, бидејќи таму било потребно да се спроведе соодветно лекување.
Меѓутоа, двајцата подоцна повторно се вратиле, инсистирајќи таткото да добие нешто и дека докторот мора да го транспортира со возилото на Итната помош.
„Докторот рече дека ќе го однесе, ама најнапред синот да се јави на 194 за да се креира налог, бидејќи без налог не можеме да одиме никаде“, раскажал возачот за „Слободен печат“.
Тој посочил дека таткото и синот одбиле да се јават на телефонскиот број 194, по што ситуацијата ескалирала. Првично започнала расправија, а потоа дошло и до физички напад врз медицинските работници.
Според неговиот опис, помладиот маж го туркал и го влечел докторот, додека таткото, кој според нивните претходни информации бил во животозагрозувачка состојба, исто така го нападнал здравствениот работник. Докторот бил удрен со тупаница и шлаканица, бил влечен за коса, а при нападот му бил искинат џемперот.
Во обид да ги раздели учесниците во инцидентот, медицинската сестра и самата била нападната, при што добила шлаканици и била влечена за коса. Возачот раскажал дека успеал да ја тргне настрана, а потоа заедно ги разделиле лицата.
„Докторот беше искинат, издрпан, удиран, исто и медицинската сестра“, сведочел возачот.
Тој нагласил дека нападите врз екипите на Итната медицинска помош не се реткост и дека ова за него е вторпат да биде сведок на вакво насилство во текот на работата.
„Одиме кај луѓе на кои им помагаме, каде што бараат помош од нас. Со шест екипи функционираме, ние си знаеме како, буквално сме магионичари и правиме сѐ што можеме. Е нема да може повеќе така да нѐ напаѓаат. Ова ќе биде последно. Докторот што беше нападнат беше последната личност во Брза помош што го заслужи тоа, зашто јас не знам кој друг човек како него помага. Не е ова фалење, но човекот се вложува максимално за да може да помогне на секој можен начин“, изјавил возачот.
По нападот била повикана полицијата, која го придружувала таткото до Клиниката за токсикологија. Докторот и медицинската сестра биле однесени во Ургентниот центар, а потоа и во полициска станица, каде што ги дале своите изјави.
Според сведоштвата, нападнатите здравствени работници одбиле да користат боледување, сметајќи дека полесно ќе се справат со трауматичното искуство доколку продолжат да работат.
Лекарската комора бара итна истрага и најстроги санкции
Лекарската комора остро го осуди физичкиот напад врз докторот и медицинската сестра, кои биле нападнати пред поликлиниката „Јане Сандански“ додека ги извршувале своите професионални обврски.
Од Комората оценуваат дека ваквото насилство е недозволиво и претставува директен напад врз здравствените работници кои секојдневно се грижат за здравјето и животот на граѓаните.
„Ваквите акти на насилство врз здравствените работници се апсолутно неприфатливи и претставуваат директен напад врз сите оние кои секојдневно, со посветеност и професионалност, се грижат за здравјето и животот на граѓаните. Недозволиво е докторите и медицинскиот персонал да бидат изложени на физичко и вербално насилство и да работат во услови на загрозена безбедност и нарушено достоинство. Лекарската комора постојано апелира дека насилството не смее да биде начин за решавање на какви било состојби или недоразбирања во здравствените установи“, посочуваат од Комората.
Од таму бараат Министерството за внатрешни работи и надлежните правосудни институции итно и целосно да го истражат случајот, како и сторителите да бидат санкционирани во согласност со законите.
Нападот врз здравствен работник при извршување на професионалните задачи се третира како кривично дело, за кое е предвидена и казна затвор до пет години, зависно од законската квалификација и околностите на случајот.
Лекарската комора најави дека на нападнатите колеги ќе им обезбеди целосна правна и психолошка поддршка, а истовремено очекува здравствените установи и надлежните институции да преземат дополнителни мерки за заштита и подобрување на безбедноста на медицинскиот персонал.
Насилството врз медицинските работници – проблем што продолжува
Лекарската комора и претходно предупредувала за зачестеноста на насилството врз здравствените работници, посочувајќи го како сериозен проблем кој ја загрозува безбедноста на медицинскиот персонал и функционирањето на здравствениот систем.
По повод 12 март, Европскиот ден за подигнување на свеста против насилството врз здравствените работници, Комората годинава предупреди на она што го нарече „тивка пандемија“ на насилство во здравството.
Според податоците од анкетите на Лекарската комора, повеќе од 70 проценти од докторите во Македонија се соочиле со насилство на работното место. Од анкетираните, 78 проценти пријавиле дека биле изложени на некаков вид насилство, при што 80 проценти се соочиле со вербално, а 6,8 проценти со физичко насилство.
Во март, Комората оцени дека измените на Кривичниот закон од 2023 година, со кои нападите врз медицинските лица се третираат како напади врз службени лица, не ги донеле очекуваните резултати. Како една од причините беше посочено дека речиси 70 проценти од нападите воопшто не се пријавуваат, поради сложените процедури или убедувањето на дел од докторите дека насилството е нешто што е составен дел од нивната работа.
Според податоците на Министерството за внатрешни работи, во текот на минатата година, согласно Законот за здравствена заштита, биле поднесени две кривични пријави за напад врз здравствен работник или здравствен соработник при вршење здравствена дејност, со пријавени тројца сторители. Едниот случај бил во Скопје, каде биле пријавени две лица, а другиот во Штип.
Нападот врз доктор, медицинска сестра или друг здравствен работник при вршење на здравствената дејност е посебно кривично дело предвидено во член 304-г од Законот за здравствена заштита. Во зависност од конкретните околности, сторителите можат да бидат гонети и согласно одредбите од Кривичниот законик за телесна повреда или спречување службено лице во вршење службено дејствие.






