Користењето мобилен телефон в рака додека се вози во Германија би можело да чини најмалку 500 евра. Толкава казна бара Германскиот совет за безбедност во сообраќајот. Засега основната казна изнесува 100 евра и еден казнен поен, според германскиот автомобилски клуб АДАЦ.
Претседателот на Советот, Манфред Вирш, како основа за предложениот износ ја посочува казната од 500 евра за возење над дозволената граница од 0,5 промили алкохол во крвта. Советот ја поддржува и иницијативата за поширока употреба на камерите „Монокам“.
Камерата ја снима внатрешноста на возилото низ ветробранското стакло. Кога системот ќе препознае дека возачот држи телефон, прави фотографија. Потоа обучен полициски службеник ја прегледува снимката и проценува дали има прекршок.
Вирш го издвојува примерот на Трир, каде што за време на пробната употреба на камерите бројот на забележани случаи на користење телефон зад воланот се намалил за околу 70 отсто.
Според германскиот Сојузен завод за статистика, во 2025 година употребата на електронски уреди била наведена како причина за повеќе од 1.100 сообраќајни несреќи со настрадани. Во нив загинале 15 лица. Бројките ги опфаќаат мобилните телефони и другите електронски уреди.








