ПРВ.мк
Свет

НАТО СЕ СОМНЕВА ВО ОПАСЕН РУСКИ ПЛАН: Москва наводно подготвува нуклеарен сателит што може да го загрози „Старлинк“

НАТО СЕ СОМНЕВА ВО ОПАСЕН РУСКИ ПЛАН: Москва наводно подготвува нуклеарен сателит што може да го загрози „Старлинк“

Разузнавачките служби на земји членки на НАТО располагаат со информации според кои Русија наводно планира до крајот на 2026 година да лансира сателит опремен со нуклеарно оружје, објавија германските медиуми.

Според заедничкото истражување на германските јавни сервиси NDR и WDR и весникот „Зидојче цајтунг“, западните разузнавачки служби, меѓу кои и германската БНД, размениле податоци за руски сателит наречен „Спутник-С“.

Наводно, сателитот бил составен пред неколку години и моментално се наоѓа во московскиот регион.

Западните претставници изразуваат загриженост дека ваквото оружје би можело да се искористи за уништување на сателитски мрежи преку нуклеарна детонација во вселената.

Меѓу потенцијално загрозените системи се споменува и „Старлинк“, сателитската мрежа на компанијата „Спејс Икс“, која украинските вооружени сили ја користат за комуникација.

Сепак, Кремљ категорично ги отфрли ваквите тврдења.

Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, изјави дека извештаите содржат премногу непотврдени информации за да бидат сфатени сериозно.

„Не сме го виделе извештајот, но во него има толку многу наводни и можни тврдења што е тешко воопшто сериозно да се сфати“, изјави Песков.

Ова не е првпат Русија да се соочи со вакви обвинувања. Уште во 2024 година американски претставници тврдеа дека Москва развива вселенско оружје способно да уништува цели сателитски мрежи.

Русија и тогаш ги отфрли обвинувањата.

Засега нема јавно достапни докази што независно би потврдиле дека „Спутник-С“ е опремен со нуклеарно оружје или дека неговото лансирање е непосредно.

Најнови вести