Хрватската влада го назначи државниот секретар во Министерството за здравство, Ренато Митермајер, за нов член на Управниот совет на Клиниката за психијатрија „Свети Иван“ во загрепски Јанкомир, која се наоѓа во центарот на истрага по смртта на 32-годишен пациент.
Назначувањето привлече внимание бидејќи Митермајер претходно раководел со болница во која во 2019 година беа објавени вознемирувачки фотографии од тешко болни деца.
Како што потсетува хрватскиот портал „Индекс“, фотографиите биле направени во Специјалната болница за хронични детски болести во Горња Бистра, во периодот од 2017 до 2018 година.
На нив се гледале деца со валкани пелени и постелнина, оштетени душеци и траги од измет на телото.
Во установата тогаш престојувале 107 тешко болни деца, од кои околу 70 проценти биле без родителска грижа.
Дел од вработените тврделе дека одредени пациенти биле оставани без соодветна нега и дека раководството не реагирало на нивните предупредувања.
Митермајер тогаш ги отфрлил обвинувањата за системско занемарување, тврдејќи дека фотографиите биле тенденциозно направени или инсценирани. Тој признал дека имало поединечни пропусти во работата, но побарал и инспекциски надзор.
Седум години подоцна, Митермајер добива функција во психијатриската клиника „Свети Иван“, каде што на 21 октомври почина 32-годишниот Кристијан Јосип Периш.
Четворица медицински техничари се осомничени за негово тешко убиство, а истрагата опфаќа и други вработени поради сомневања дека не презеле неопходни мерки за да му помогнат.
По случајот оставка поднесе директорката на клиниката, Мајда Грах, како и членови на Управниот совет.
Митермајер е назначен на местото на Борис Здилар, кој претходно поднел оставка.









