ПРВ.мк
Балкан

„ВИДОВ КАКО КОЛЕГАТА ГО УДИРА СО ТУПАНИЦА“: Уапсен медицински техничар откри детали за смртта на 32-годишен пациент!

„ВИДОВ КАКО КОЛЕГАТА ГО УДИРА СО ТУПАНИЦА“: Уапсен медицински техничар откри детали за смртта на 32-годишен пациент!

Нови вознемирувачки детали се појавија во истрагата за смртта на 32-годишниот Кристијан Јосип Периш, кој почина на 21 октомври при интервенција во Психијатриската клиника „Свети Иван“ во Загреб.

Еден од уапсените медицински техничари пред истражителите изјавил дека видел како негов колега го удира пациентот со тупаница, додека друг му држел перница на главата.

„Кога ја подигнав главата, видов како најмладиот колега го удира пациентот со тупаница“, изјавил техничарот, според информациите што ги пренесуваат хрватските медиуми.

Тој тврдел дека во моментот не сфатил дека перницата можела да претставува опасност од задушување, бидејќи пациентот продолжувал да вика.

Според неговото сведоштво, Периш бил донесен во болницата со полициска придружба, одбивал хоспитализација и, како што му било кажано, се заканувал на персоналот.

Околу 40 минути подоцна, техничарот добил повик за итна помош на одделението, каде што затекнал четворица колеги кои се обидувале физички да го совладаат пациентот.

При интервенцијата, според неговиот исказ, пукнал еден од ремените за ограничување на движењето, по што следувале удари.

Техничарот изјавил и дека во болницата претходно се користеле перници за заштита од плукање и гризење, но тврди дека не бил свесен за можноста тие да бидат употребени за попречување на дишењето.

Дополнително, навел дека не поминал посебна обука за вакви интервенции.

Во рамките на истрагата се опфатени осум здравствени работници. Четворица техничари се осомничени за тешко убиство, додека лекарка, две медицински сестри и уште еден техничар се под истрага поради сомневања поврзани со нивното постапување.

Истрагата треба да утврди што точно се случило за време на интервенцијата и кој сноси одговорност за смртта на пациентот.

Најнови вести