ПРВ.мк
Свет

САТЕЛИТСКИТЕ СНИМКИ ОТКРИВААТ ШТО ИМ НАПРАВИЛА УКРАИНА НА РУСИТЕ ВО ЛИБИЈА

САТЕЛИТСКИТЕ СНИМКИ ОТКРИВААТ ШТО ИМ НАПРАВИЛА УКРАИНА НА РУСИТЕ ВО ЛИБИЈА

Украина соопшти дека нејзините вооружени сили извеле напад врз руски бродови во пристаништето Бенгази во Либија, на околу 2.400 километри од украинското боиште. Според украинските власти, во операцијата била потопена руската воена корвета „Меркуриј“, а бил погоден и товарниот брод „Ангара“.

Украинската служба за безбедност (СБУ) објави снимки од нападот, додека сателитските фотографии на компанијата „Вантор“ прикажуваат потонат воен брод покрај оштетеното пристаниште.

Според СБУ, операцијата била изведена со седум поморски дронови наполнети со експлозив. Беспилотните пловила биле пренесени со поголем брод до подрачјето на нападот, по што биле спуштени во морето и насочени кон руските цели.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека корветата „Меркуриј“ била потопена и покрај обидите на руските сили да го спречат нападот. Киев тврди дека бил уништен и воен хеликоптер Ка-27, кој се наоѓал на бродот.

Корветата „Меркуриј“ влегла во служба во 2023 година и е дел од руската Црноморска флота. Вториот нападнат брод, „Ангара“, според украинските власти, се користел за транспорт на воена опрема и снабдување на руските сили во странство.

Властите во источна Либија го потврдија нападот и соопштија дека започнале истрага. Според информациите што ги пренесува „Асошиејтед прес“, повредени се најмалку десет лица, меѓу кои руски и либиски државјани.

Засега не е потврден точниот обем на оштетувањата на „Ангара“, ниту местото од кое биле лансирани дроновите. Руските власти сè уште официјално не ги коментирале украинските тврдења за потопувањето на корветата.