Соединетите Американски Држави планираат да ја стават сингапурската технолошка компанија „Мегаспид“ (Megaspeed) на трговската црна листа поради нејзината поврзаност со шпионска истрага во која се споменува и американскиот технолошки гигант „Нвидиа“.
Како што пренесува „Ројтерс“, повикувајќи се на извор запознаен со плановите на американските власти, одлуката би можела да биде донесена во текот на 23 ноември.
Компанијата е во сопственост на кинеската бизнисменка Алис Хуанг, која, според претходни медиумски извештаи, била предмет на истрага поради сомневања дека соработувала со кинеските разузнавачки служби.
„Њујорк тајмс“ објави дека американските власти се сомневаат оти Хуанг пренесувала информации во Пекинг додека одржувала близок однос со Џенсен Хуанг, директорот на „Нвидиа“.
Сепак, „Ројтерс“ нагласува дека не можел независно да ги потврди овие разузнавачки тврдења, додека Кина ги отфрла обвинувањата за шпионажа како неосновани.
„Мегаспид“ е наведена на официјалната веб-страница на „Нвидиа“ како партнер за облачно пресметување. Компанијата претходно била под истрага и поради сомневања дека им овозможувала на кинески купувачи пристап до напредни американски чипови, за кои важат извозни ограничувања.
Според претходни информации, американските власти ја започнале истрагата против компанијата уште во 2024 година, додека „Нвидиа“ во јуни 2025 година ја вклучила на сопствената листа на купувачи на кои не им продава производи.
Доколку „Мегаспид“ биде ставена на американската трговска црна листа, компаниите од САД ќе мора да добијат посебна дозвола за да ѝ извезуваат производи, софтвер или технологија. Таквите дозволи вообичаено тешко се одобруваат.







