ПРВ.мк
Свет

ШОКАНТНИ САТЕЛИТСКИ СНИМКИ ОТКРИЈА ШТО СЕ СЛУЧУВА ПОКРАЈ ГРАНИЦАТА СО НАТО: Во центарот на сè е една од најсилните воени формации

ШОКАНТНИ САТЕЛИТСКИ СНИМКИ ОТКРИЈА ШТО СЕ СЛУЧУВА ПОКРАЈ ГРАНИЦАТА СО НАТО: Во центарот на сè е една од најсилните воени формации

Русија спроведува обемна реконструкција и проширување на своите воени бази во близина на границата со Финска, членка на НАТО, покажуваат најновите сателитски снимки објавени од финските медиуми.

Во центарот на вниманието е воената база Каменка, сместена на околу 60 километри воздушна линија од финската граница, каде што се забележани големи градежни активности.

Според финскиот јавен сервис Yle, во базата се урнати две касарни, два објекта за исхрана на војниците и повеќе од десет складишта, гаражи и објекти за одржување на воената опрема.

На нивно место се подготвува изградба на нова воена инфраструктура, вклучително и покриени стрелишта и дополнителни објекти чија точна намена сè уште не е позната.

Во Каменка е стационирана 69. моторизирана пешадиска дивизија, која се формира во рамките на руските планови за зајакнување на военото присуство во северозападниот дел на земјата.

Воената формација, која претходно функционирала како бригада со приближно 4.400 војници, според плановите би можела да достигне до 11.000 припадници.

Дел од единиците поврзани со оваа база веќе учествуваат во војната во Украина, особено на фронтот во Харковската област.

Русија во 2024 година повторно го воспостави Ленинградскиот воен округ, а Москва го поврзува зајакнувањето на своите сили со пристапувањето на Финска и Шведска во НАТО.

Градежни активности се забележани и во блиската база Кириловскоје, каде што е изграден голем комплекс за кој воениот аналитичар Марко Еклунд претпоставува дека би можел да биде центар за обука.

Паралелно се модернизира и станбената инфраструктура за војниците и нивните семејства.

Иако сателитските снимки потврдуваат значителни градежни активности, засега не е познато колку нови воени единици се оперативни ниту кога проширувањето ќе биде целосно завршено.

Најнови вести