Вистински кошмар доживеал 21-годишниот фудбалер на Пари Сен Жермен, Дезире Дуе, кој во иста вечер се соочил со тешка повреда и обид за провала во својот дом.
Младиот француски репрезентативец се повредил за време на првенствениот натпревар против Ница, кој ПСЖ го добил со 3:2. Поради силни болки во десното колено, Дуе морал да го напушти теренот пред крајот на првото полувреме.
Дополнителните лекарски прегледи покажале дека му е скинат предниот вкрстен лигамент на десното колено, што претставува сериозна повреда и бара оперативен зафат.
Од ПСЖ официјално потврдиле дека фудбалерот ќе биде опериран до крајот на месецот, но засега не е познато колку ќе трае неговото закрепнување.
Меѓутоа, проблемите за Дуе не завршиле со повредата.
Според францускиот весник „Ле Паризиен“, во текот на ноќта меѓу саботата и неделата, непознати лица се обиделе да провалат во неговата куќа во Оржевал, во близина на Париз.
Неколкумина успеале да влезат во дворот, но кога сфатиле дека во куќата има луѓе, веднаш побегнале.
Кога фудбалерот се вратил дома, пред имотот го пречекале припадници на француската жандармерија.
Според првичните информации, нема траги од насилно влегување во куќата, ниту потврда дека нешто било украдено.
Француските медиуми наведуваат дека по инцидентот бил засилен полицискиот надзор околу неговиот дом.
Така, една вечер што требало да заврши со славење на победата на ПСЖ се претворила во двоен шок за младиот фудбалер.










