Четири лица се приведени, а вкупно шест случаи поврзани со семејно насилство, закани и психичко малтретирање се евидентирани во Скопје, Битола, Крива Паланка, Прилеп и Гостивар, информира Министерството за внатрешни работи.
Во скопската општина Карпош, полициски службеници го привеле Т.А.П. (41), откако било пријавено дека во семејниот дом физички ја нападнал својата 55-годишна сопруга.
Во Крива Паланка бил приведен Д.М. (35) од кривопаланечко село, по пријава дека физички ја нападнал сопругата и ѝ упатувал закани.
Два од случаите се регистрирани на подрачјето на Битола.
Полицијата го лишила од слобода Н.П. (46), откако неговата 40-годишна сопруга пријавила физички напад и закани во домот.
Во друг случај, приведен бил Б.К. (42) од Битола, осомничен дека ѝ се заканувал по живот на својата 25-годишна сопруга, со која се наоѓа во бракоразводна постапка.
Во Гостивар, против 35-годишниот К.А. е поднесена кривична пријава за „телесна повреда“. Според полицијата, тој по семејна расправија физички ја нападнал 37-годишната сопруга и ѝ се заканувал нејзе и на нејзините блиски.
Во Прилеп, пак, 69-годишен маж пријавил дека подолг период бил изложен на навреди и омаловажување од својот син и сопругата.
Од МВР соопштуваат дека се преземаат мерки за расчистување на случаите и дека по нивното целосно документирање ќе следуваат соодветни поднесоци.








