Министерството за внатрешни работи го утврди идентитетот на лицето кое преку социјалните мрежи упатувало закани кон новинарот Кристијан Ландов. Станува збор за 38-годишен маж од Кичево.
Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР постапил по пријава од новинарот, откако на фејсбук-страницата „Претрес.мк“ бил објавен коментар со заканувачка содржина.
По преземените активности, полициските службеници го утврдиле идентитетот на лицето, кое било повикано на разговор во полиција.
Во текот на разговорот, 38-годишниот кичевец потврдил дека го користи профилот од кој била објавена спорната содржина.
Заканите кон Ландов следуваа по емитувањето на епизода од подкастот „Претрес“, посветена на полициското постапување во Охрид, во која беа објавени сведоштва за наводно насилство од полициски службеници.
Загриженост поради заканите кон новинарот претходно изрази и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Случајот повторно го актуализира прашањето за безбедноста на новинарите и нивното право слободно и непречено да ја извршуваат својата професионална работа, без закани и притисоци.
Засега нема дополнителни информации за евентуална кривична пријава против идентификуваното лице.







