Наставниците во Македонија во март 2027 година ќе добијат зголемување на платите од најмалку 7,5 проценти, најави министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Таа посочи дека потребните средства се веќе предвидени во буџетот, нагласувајќи дека со ова се исполнуваат дадените ветувања.
Јаневска го соопшти ова пред почетокот на конференцијата „Образованието на возрасните и доживотното учење – инвестиција во луѓето и иднината“, која се одржува во Скопје.
Министерката се осврна и на оптимизацијата на училишната мрежа и новата формула за распределба на финансиските средства во основното и средното образование.
Според неа, досега 433 паралелки биле затворени, односно споени со други паралелки, со цел поефикасно функционирање на образовниот систем.
Наставниците кои поради спојувањето на паралелките нема да имаат доволен фонд на часови ќе бидат ангажирани во дневниот престој, воннаставните активности, општествено корисната работа, како и во дополнителната поддршка на талентираните ученици и учениците кои имаат тешкотии во совладувањето на наставниот материјал.
Јаневска очекува процесот на оптимизација да биде заокружен во период од четири до пет години.
Таа повтори дека во овој период не се предвидуваат нови вработувања на наставници, посочувајќи ја потребата од рационално управување со постојните човечки и финансиски ресурси.
Министерката ги повика и општините поефикасно да управуваат со средствата и да придонесуваат за развојот на училиштата, со цел подобрување на квалитетот на образованието.







