ПРВ.мк
Наука/Технологија

ПОПУЛАРНАТА ЗАМЕНА ЗА ШЕЌЕР ПОД ЛУПА НА НАУЧНИЦИТЕ: Би можела да го зголеми ризикот од мозочен удар

ПОПУЛАРНАТА ЗАМЕНА ЗА ШЕЌЕР ПОД ЛУПА НА НАУЧНИЦИТЕ: Би можела да го зголеми ризикот од мозочен удар

Еритритолот, популарен нискокалоричен засладувач кој често се користи како замена за шеќер, се најде во центарот на вниманието на научниците поради неговата можна поврзаност со зголемен ризик од исхемичен мозочен удар.

Еритритолот природно се наоѓа во одредени видови овошје, меѓу кои крушите и грозјето, а во мали количества го произведува и човечкиот организам. Поради ниската калориска вредност, широко се користи во производите наменети за лица кои сакаат да го намалат внесот на шеќер и калории.

Најновото истражување на кинески научници, објавено во научното списание International Journal of Molecular Sciences, покажало дека лицата со генетска предиспозиција за повисоки концентрации на еритритол во крвта имаат речиси 25 проценти поголеми шанси за исхемичен мозочен удар.

Истражувачите издвоиле неколку можни механизми што би можеле да ја објаснат оваа поврзаност, меѓу кои воспалителните процеси, оксидативниот стрес и оштетувањето на крвните садови.

Претходни истражувања, исто така, укажале на можна поврзаност меѓу еритритолот, зголемената активност на тромбоцитите и формирањето крвни згрутчувања.

Лабораториско истражување спроведено во 2025 година покажало и потенцијално негативно влијание врз клетките што ја формираат крвно-мозочната бариера, која го штити мозокот од потенцијално штетни материи.

Сепак, научниците нагласуваат дека досегашните резултати не докажуваат дека консумирањето еритритол директно предизвикува мозочен удар. Неговата концентрација во крвта зависи и од природното производство во организмот, метаболизмот и функцијата на бубрезите.

Во меѓувреме, започнати се дополнителни клинички истражувања кои треба да дадат попрецизни одговори за безбедноста на овој засладувач.

Научниците повикуваат на претпазливост при процената на неговите долгорочни ефекти врз здравјето.