Студентското движење во Србија изрази незадоволство од предлог-резолуцијата на Европскиот парламент за 35-годишнината од падот и разурнувањето на Вуковар, оценувајќи дека документот не придонесува за објективно согледување на минатото и помирување меѓу народите од поранешна Југославија.
Во соопштението објавено во понеделникот, студентите наведуваат дека во предложениот текст речиси целосно се занемарени страдањата на српските цивили во Хрватска, вклучувајќи ги убиствата, протерувањата и уништувањето имот.
Според нив, во поширокото согледување на војните од деведесеттите години треба да бидат опфатени и операциите „Блесок“ и „Бура“, како и злосторствата извршени врз српското цивилно население.
„Неприфатливо е сложените историски процеси да се сведуваат на поедноставена слика за колективна одговорност на српскиот народ“, се наведува во соопштението.
Студентското движење нагласува дека одговорноста за воените злосторства мора да биде индивидуална и утврдена врз основа на докази и правосилни судски пресуди.
Истовремено, студентите посочуваат дека Србија има обврска да соработува во расветлувањето на судбината на исчезнатите лица и утврдувањето на одговорноста за извршените злосторства.
Европскиот парламент треба да гласа за резолуцијата во четврток, на 26 ноември.
Предлогот, поднесен од хрватски европратеници, предвидува повик до Србија да овозможи пристап до воените архиви, да ги објави достапните информации за гробниците и да помогне во идентификацијата и враќањето на посмртните останки на жртвите.
Во документот се осудуваат и негирањето, минимизирањето и величењето на воените злосторства.
Студентите сметаат дека вистинско помирување може да се постигне само преку соочување со сите злосторства и почитување на сите жртви, без оглед на нивната националност.






