Нови детали од истрагата за смртта на 32-годишниот Кристијан Јосип Периш, кој почина на 21 октомври во Психијатриската клиника „Свети Иван“ во Загреб, откриваат дека најмладиот осомничен медицински техничар истата вечер завршил на Итна помош со изместено рамо.
Според медицинската документација што ја објавил „Јутарњи лист“, техничарот се повредил за време на интервенцијата во која учествувал во физичкото ограничување на движењето на пациентот.
Околу 20 часот му било дијагностицирано изместување на десното рамо, поради што бил упатен на лекување во загрепската болница „Свети Дух“.
Документацијата открива дека техничарот првпат влегол во собата на Периш околу 19:40 часот, заедно со уште пет лица.
Персоналот тогаш се обидувал дополнително да ги затегне ремените со кои пациентот бил врзан за креветот.
Според извештајот, пациентот викал, плукал и им се заканувал на здравствените работници.
Околу 20 часот персоналот повторно интервенирал, откако ремените попуштиле.
Дел од интервенцијата бил снимен од надзорна камера, а снимката во траење од околу осум минути претставува еден од клучните докази во истрагата.
Поранешната директорка на клиниката, Мајда Грах, пред истражителите изјавила дека била згрозена од постапувањето на дел од персоналот.
Според нејзиното сведоштво, на снимката се гледало како пациентот бил удиран со тупаници и лакт, додека најмладиот техничар со колено притискал перница поставена на неговата глава.
Во досега објавените анализи на снимката се наведува и дека во завршниот дел од интервенцијата двајца вработени со колена вршеле притисок врз пределот на вратот на пациентот.
Истрагата продолжува, а се очекуваат дополнителни токсиколошки и хистолошки резултати од обдукцијата, кои треба да помогнат во утврдувањето на точните околности и причината за смртта на Кристијан Периш.






