Пет лица, меѓу кои и три деца, беа пронајдени мртви вчера во стан на едно семејство во градот Кел, во германската сојузна покраина Баден-Виртемберг. Две деца ја преживеале трагедијата и по интервенцијата на итните служби им била укажана лекарска помош, пишува „Fenix-magazin.de“.
Полицијата пристигнала во станот на улицата „Рихард Вагнер“ околу 11:30 часот, откако децата не се појавиле на училишна настава. Бидејќи никој не ја отворал вратата, биле повикани полициски службеници кои со посебна заштитна опрема влегле внатре и затекнале пет безживотни тела.
Според првичните информации, меѓу загинатите наводно се таткото на семејството, уште едно возрасно лице и три деца, додека двете преживеани деца биле згрижени од екипите на итната медицинска помош.
За време на интервенцијата, поради високата концентрација на гас во станот, полесно се повредени еден полицаец и една жена која се наоѓала на местото на настанот, по што двајцата се пренесени в болница.
Полицијата, пожарникарите и итната помош излегле на терен нешто пред пладне по пријавата дека во станот се наоѓаат лица кои не даваат знаци на живот. Поради сомнеж за присуство на опасен гас, полицајците првично не можеле да влезат, па биле повикани пожарникари за да ги проверат просториите и да обезбедат услови за безбедна интервенција. Дури откако било утврдено дека влезот е безбеден, криминалистичката полиција започнала со увид.
Надлежните засега официјално не соопштија што точно се случило, а истрагата треба да ја утврди причината за смртта и сите околности на оваа трагедија. Според наводите на полицијата, не постои опасност за останатите станари во зградата и околината.







