Американската војска утре ќе спроведе планирана детонација на дотраени залихи од токсичен експлозив што содржи олово во руралниот дел на Ајова, изјави вршителот на должноста секретар на армијата, Адам Теле, откако сојузниот апелациски суд ја укина забраната за операцијата.
Теле на платформата „Икс“ наведе дека одлуката за продолжување на операцијата е донесена со „консензус“ на сите вклучени сојузни агенции, со согласност од судовите и државните функционери, пренесе Ројтерс. Тој додаде дека отстранувањето на материјалот ќе се спроведе во координација со државните, локалните и сојузните власти.
Планот предвидува две контролирани детонации на 68 буриња, односно речиси 4.500 килограми дотраен оловен азид — хемикалија што се користи во муницијата. Операцијата ќе биде изведена во постројката за воена муниција во Мидлтаун.
Предупредување од еколозите
Еколошките организации се обидоа да ја запрат операцијата со тужба, предупредувајќи дека експлозиите би можеле да ослободат облак од токсична оловна прашина што би ги загрозил жителите, посевите и добитокот во околината.
Агенцијата за заштита на животната средина (ЕПА) оцени дека контролираната детонација е помалку ризична од можна спонтана експлозија на нестабилниот материјал, чиј ризик расте со заладувањето. Според нивните наводи, и хемиската неутрализација или преместувањето на бурињата би носеле опасност од неконтролирана експлозија.
Укината судската забрана
Апелацискиот суд на САД за осмиот округ минатиот четврток привремено ја блокираше дозволата на ЕПА, но вчера ја укина забраната, со што е отстранета и последната правна пречка за операцијата. Претседателот на САД, Доналд Трамп, претходно ѝ наложи на војската да ја одложи детонацијата додека судот не донесе одлука во нејзина корист.
Актуелната гувернерка на Ајова, Ким Рејнолдс, го активираше центарот за вонредни ситуации заради координација на државните и сојузните агенции, додека новоизбраниот гувернер Роб Сенд порача дека одлуката треба да ја донесе администрацијата врз основа на проценките на стручњаците ангажирани на терен.






