ПРВ.мк
Свет

ЛЕКАРИТЕ ПРЕДУПРЕДУВААТ НА НОВА КАТАСТРОФА: Менингитисот ги загрозува животите на стотици илјади луѓе во Газа

ЛЕКАРИТЕ ПРЕДУПРЕДУВААТ НА НОВА КАТАСТРОФА: Менингитисот ги загрозува животите на стотици илјади луѓе во Газа

Министерството за здравство во Газа прогласи епидемиолошки аларм поради драматичниот пораст на бројот на заболени од менингитис, предупредувајќи дека ширењето на болеста ги загрозува животите на стотици илјади луѓе, меѓу кои и голем број деца.

Според доктор Нидал Гонеим, само во октомври биле регистрирани 272 случаи на менингитис, наспроти вообичаените 30 до 50 случаи месечно. Од почетокот на годината од болеста починале 15 Палестинци.

Здравствените и хуманитарните организации го поврзуваат ширењето на инфекцијата со уништената инфраструктура, пренатрупаните засолништа, загадената вода за пиење и влошените санитарни услови.

Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања (OCHA) претходно соопшти дека во периодот од 27 септември до 31 октомври биле регистрирани 413 сомнителни случаи на менингитис, од кои 294 вирусни и 119 бактериски.

Околу 68 отсто од овие случаи биле евидентирани на подрачјето на градот Газа.

Дополнителен проблем претставува сериозната криза со водата за пиење. Подземните извори, кои пред војната обезбедувале околу 80 отсто од водоснабдувањето, сега се загадени со морска вода и отпадни води.

Според Светската здравствена организација, микробиолошката контаминација во испитаните примероци од вода се зголемила од помалку од шест отсто во јануари на речиси 20 отсто во август.

Министерството за здравство во Газа ги обвини израелските власти дека со ограничувањето на доставата на резервни делови, средства за стерилизација и гориво придонесуваат за ширењето на епидемијата.

Хуманитарните организации предупредуваат дека недостигот на безбедна вода, соодветни санитарни услови и медицински ресурси дополнително го зголемува ризикот од ширење заразни болести меѓу населението.