ПРВ.мк
Црна Хроника

ЉУБОМОРА, ПАРИ И ДВОЈНО УБИСТВО: Војник од единицата што обезбедува претседател седна на обвинителна клупа

ЉУБОМОРА, ПАРИ И ДВОЈНО УБИСТВО: Војник од единицата што обезбедува претседател седна на обвинителна клупа

Пред Жупанискиот суд во Загреб започна судењето за двојното убиство на младиот пар Андреа К. и Матијан Ц., случај што ја потресе хрватската јавност.

Обвинетите Матија Машала, Фран Радиновиќ и Андреј Бајац биле доведени во судницата под засилено полициско обезбедување, со лисици на рацете и нозете.

Сите тројца ја негирале вината.

Машала, кој во времето на злосторството бил припадник на воената единица задолжена за обезбедување на хрватскиот претседател, се товари за две тешки убиства извршени на подмолен начин и од користољубие.

Радиновиќ е обвинет за помагање, додека Бајац се товари за поттикнување на двете убиства.

Според обвинението, Бајац наводно му понудил на Машала 20.000 евра за да ја убие неговата поранешна сопруга. Како можни мотиви се наведуваат љубомората и несогласувањата околу контактите со нивното заедничко дете.

Двојното убиство било извршено на 13 јуни 2025 година во Загреб.

Особено потресно било сведочењето на мајката на убиената Андреа, која пред судот зборувала за нарушените односи меѓу нејзината ќерка и поранешниот сопруг.

Таа раскажала дека на денот на убиството неколкупати се обидувала да ја добие ќерката на телефон, но безуспешно.

Најтешкиот момент, како што посочила, бил кога морала да ѝ објасни на својата внука дека нејзината мајка повеќе нема да се врати.

„Таа се расплака и тоа ми беше потешко отколку кога слушнав дека моето дете е мртво“, сведочела мајката.

Одбраната на Бајац ја оспорила вистинитоста на делови од нејзиното сведочење.

Судскиот процес продолжува, а кривичната одговорност на тројцата обвинети допрва треба да биде утврдена.